Курти го пречека Мицкоски во Приштина – двајцата лидери очекуваат економската соработка да достигне половина милијарда евра

mickoski-kurti-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Премиерот на Косово, Албин Курти го пречека македонскиот премиер, Христијан Мицкоски денес во Приштина на меѓувладината седница.


Пречекот се одвиваше со највисоки почести и интонирање на македонската и косовската химна.

Мицкоски најави дека економската соработка меѓу двете земји ќе достигне половина милијарда евра во текот на следната година и истакна дека договорите кои ќе бидат потпишани денес се во таа насока.

„На билатералната средба дефиниравме цел оваа година, трговската размена да биде над половина милијарда евра меѓу нашите две земји, во следните години економската соработка ќе биде уште поголема, убеден сум дека ќе успееме“, рече Мицкоски кој му се заблагодари на Курти за одличниот прием, енергијата и атмосферата.

Според најавата на владината прес-служба, во текот на денот ќе бидат потпишани протоколи и меморандуми за соработка во три области.

Првиот е меморандум за енергетика, рударство и минерални суровини каде се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас Република Косово-Република Северна Македонија.

Вториот е информација за склучување на Протокол помеѓу Владите на Република Северна Македонија и Република Косово за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување, и начинот на одржување на објектите.

Третиот документ кој ќе се потпише е меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Северна Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово. Страните се согласни да работат заедно со цел подигање на квалитетот во стручното образование и обука и во образованието на возрасните во двете држави, имајќи ги предвид законските прописи на двете држави, со кои се уредува нивната работа. Страните со меморандумот се согласни за размена на искуства за стручното образование и обука, вклучително размена на информации за начинот на функционирање на регионалните центри за стручно образование и обука.

Премиерот на Косово, Албин Курти истакна дека Северна Македонија и Косово немаат никакви несогласувања и се соседи, пријатели и блиски партнери.

„Ние сме поврзани не само преку трговијата која секој пат расте, туку и преку нашите врски, семејства и бизниси кои се сè посилни и посилни“, рече Курти.

Наскоро двајцата лидери ќе одржат и заедничка прес-конференција.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK