Бугарија очекува македонските институции што поскоро да го спроведат она што е предвидено во Преговарачката рамка и во Договорот за добрососедство, со цел државата да не губи историско време за членство во Европската Унија, изјави бугарскиот претседател Румен Радев по средбата со македонската колешка, Гордана Сиљановска-Давкова на маргините на Конференцијата за климатски промени – ЦОП 29 во Баку.
„Ако државното раководство на Северна Македонија навистина има желба за влез во Европската Унија, мора да ја исполни преговарачката рамка и договорот за добрососедство“, рече Радев.
Како што пренсе БНР.бг, бугарскиот претседател ја пофалил комуникацијата со Давкова, коментирајќи дека била отворена, конструктивна и прагматична, а истото треба да го следи и македонската влада.
„Двете претседателски институции покажуваат дека дијалогот е можен и придонесува за развојот за добрососедство“, изјави Радев.
Од Кабинетот на Давкова по средбата со Радев информираа дека разговорот траел еден час и се одвивал во конструктивна атмосфера, а се разговарало за потребата од унапредување на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и за можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од взаемен интерес.
Претседателката ја подвлече важноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа и притоа посочи дека треба да се почитуваат позициите и интересите на обете страни и дека решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на основните вредности и принципи на Европската Унија.