Општина Центар и Здружението на пензионери на општината, со хуманитарниот „Фестивал на симит и погача во срцето на Скопје“, го прославија големиот јубилеј – 80 години слободно Скопје.
Во чест на 13 Ноември, пред муралот на Горан Стефановски беше организиран добротворен базар со автентичните скопски специјалитети, а настанот го збогатија учениците од ООУ „Коле Неделковски“ со рецитации и песни за својот град.
На фестивалот присуствуваа гости од пензионерските здруженија на другите општини, претставници на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија и Сојузот на борци на Македонија.
Градоначалникот Герасимовски честитајќи го Денот на ослободување на Скопје, потсети на херојските подвизи на партизаните.
„Токму овде, во Дебар Маало кај некогашната учителска школа, се водеа најжестоките битки за слободата во која денес живееме. Да се поклониме пред храброста на нашите борци и да ги поттикнеме младите достојно да го чуваат наследеното и да го негуваат слободарскиот карактер на нашето Скопје“, порача Герасимовски.
Во духот на заедништвото и почитување меѓу генерациите, пензионерките на штандовите понудија домашно подготвени печива, внесувајќи чувство на носталгија и семејна топлина. Со свои производи се приклучија и локалните пекари и слаткарници, создавајќи вистинско гастрономско уживање за сите присутни.
Собраните средства од базарот ќе бидат наменети за Универзитетската клиника за детски болести, а храната што не е продадена ќе биде донирана на „Ретвитни оброк“, иницијатива за поддршка на бездомниците и социјално загрозените лица.
Овој фестивал е дел од проектот во рамките на програмата за култура на Општина Центар: „Возрасните за младите, младите за возрасните“, кој ги обединува сите генерации во прославата на нашата традиција и иднина.