Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари возвратна посета на Република Албанија, предводејќи делегација составена од пратеничките Јулија Тушевска и Фериде Хаџиу, членки на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Албанија.
На средбата со Елиса Спиропали, претседателка на Собранието на Република Албанија, беше истакната извонредната и динамична соработка на двете држави, со бројни реализирани средби на сите нивоа, што е показател и пример за квалитетна соработка меѓу две држави.
Гаши ѝ честиташе на Албанија за почетокот на пристапните преговори со ЕУ и изрази очекување дека двете земји и понатаму ќе соработуваат на планот на европската интеграција. Беше подвлечено дека проширувањето е една од најдобрите политики на Унијата како геостратешка потреба и е долгорочна инвестиција за цела Европа во политичка, безбедносна и економска смисла.
Во контекст на парламентарната соработка, којa има бројни потенцијали, од страна на двајцата претседатели беше истакната можноста за поголема соработка меѓу комисиите за европски прашања и националните совети за евроинтеграција, со оглед на заедничките интереси на двете држави во евроинтегративниот процес.
Соговорниците истакнаа дека единствениот пат кон побрзо економско унапредување на Регионот е регионалниот пазар и заедничко интегрирање во истиот, бидејќи е природно добрите економски односи во регионот да бидат придружувани со добри политички односи и само на тој начин регионот реално ќе напредува.
Делегацијата на Собранието, предводена од претседателот Гаши, беше примена и од претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, при што беа споделени видувања за регионалните предизвици, модалитетите на билатералната соработка меѓу двете држави, искористување на потенцијалите од засилена економска соработка, но и културна и туристичка размена.
Беше акцентирано значењето на албанскиот политички фактор во РС Македонија, како и конструктивната политика на Република Албанија кон случувањата во Регионот и на планот на заедничкото интегрирање во Европската Унија.
Како НАТО сојузници, беше потенцирано дека двете земји имплементираат миротворни политики, за доброто на целиот регион на Западен Балкан. Имајќи го предвид фактот што Република Северна Македонија и Република Албанија се дел од Јужното крило на НАТО, беше истакната потребата од зајакната и динамична соработка, што ќе биде одговор кон реалните закани од секаков вид.
Во текот на разговорите, беа разгледани можностите за искористување на европските фондови за инфраструктурни проекти, што ќе донесат бенефит за граѓаните на двете држави.