Граѓаните на Скопје и на другите поголеми градови во Република Македонија (РМ) се сведоци на големо загадување на воздухот во текот на грејната сезона. Утврдено и докажано е дека главна причина за тоа е користењето на дрва за загревање на домовите. Затоа, Министерството за економија и некои локални самоуправи решија повремено да даваат субвенции за замена на старите печки на дрва со клима уреди (со инвертер) или замена со нови печки на пелети. Се работи за ограничен број субвенции по системот “прв дојден – прв услужен“.
Во врска со загадувањето на воздухот во градовите се преземаат и дополнителни зафати со изградба на гасоводи речиси низ целата држава. На тој начин голем број на домаќинства ќе можат во иднина да користат природен гас за греење на домовите наместо дрво за огрев. Инаку, до градот Скопје е изграден гасовод уште од 1998 година, но домаќинствата не користат гас бидејќи не е изградена дистрибутивна мрежа.
Од горенаведеното може да се заклучи дека дрвото за огрев го загадува воздухот и треба да се избегнува, а природниот гас е еколошко гориво бидејќи се инвестира во инфраструктура (цевководи) за негово масовно користење во РМ. Почитувани читатели, ова е сосема погрешна перцепција која се создава преку голем број јавни медиуми, но и од конфузната состојба во енергетиката во нашата држава.
Дрвото е обновлив извор на енергија?!
Кај растенијата во природата, со помош на јаглерод-диоксид (CO2) од воздухот и водата од почвата, дел од сончевата енергија постојано се трансформира во биомаса преку процес на фотосинтеза. Значи, дрвото е органска материја која настанува со фотосинтеза при што се ослободува кислород во атмосферата, а јаглеродот се складира во дрвната маса. Ако тоа дрво согорува подоцна, тоа всушност го ослободува овој складиран јаглерод.
Со ова толкување се согледува улогата на дрвото во однос на климатските промени. Бидејќи количеството на јаглерод-диоксид (СО2) емитирано при согорување на дрвото е еднакво на количеството на СО2 што дрвото го асимилирало за време на неговиот раст, тоа значи дека е климатски неутрално. Но ова тврдење не е 100% прецизно бидејќи кај огревното дрво се користи фосилно гориво и електрична енергија при транспорт, сечење и сл.
Според Обединетите Нации (ОН) огревното дрво е обновлив извор на енергија бидејќи дрвјата постојано растат (шумата се обновува). Но денес во глобални рамки, користењето на огревно дрво не е одржливо бидејќи повеќе се троши отколку што расте. Состојбата е различна во разни региони и држави. На пример, во Европа има пораст на шумските површини во последниве децении.
Во една држава се вели дека дрвото е обновлив извор на енергија ако годишниот прираст на дрвна маса е поголем од намалувањето од сеча на дрвјата и другите загуби на шумите. Прирастот на дрвната маса се остварува најмногу по природен пат со растење на дрвјата и самоникнување на нови млади дрвца. Но во прирастот допринесува и државата со планско пошумување со нови насади и повремени доброволни акции на граѓански здруженија.
Намалување на дрвната маса е резултат на планско сечење на дрвјата со цел дрвото да се користи, но исто така и од непредвидливи појави како што се шумски пожари и неконтролирана нелегална сеча.
Шумите (дрвјата) во Република Македонија
Според податоци од државното претпријатие Македонски шуми (сега се води со ново име: Национални шуми), 32,8% од нашата земја е обрасната се шумски површини од кои 255.445 хектари се високостеблести шумски насади, 546.180 хектари нискостеблести и околу 33.000 хектари во вид на џбунести растенија.
Ресорниот министер даде изјава (во ноември 2023) дека има планирано во следниот период секоја година да се засадуваат 1.500 хектари нови шумски површини во РМ.
Според Македонскиот трет двогодишен извештај за климатските промени (од 2020 г.) вкупниот годишен прираст на дрвна маса од шумите во РМ е околу 1,7 милиони m3. Тоа значи дека шумите во РМ апсорбираат повеќе СО2 отколку што се емитува СО2 од согорување на дрво. Има неколку исклучоци во годините 2000, 2007, 2012 и 2021, тие биле со негативен биланс поради огромните шумски пожари. На ова има влијание и појавата на нелегална сеча, но да се надеваме дека тоа е во многу мал процент во однос на вкупната дрвна маса.
На кој начин се користи огревното дрво и зошто се јавува големо загадување од неговоото користење ќе биде објаснето во следното продолжение на овој напис што ќе биде објавено по неколку дена.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје