За секој километар што ќе го претрча фудбалерите на Леганес утре на натпреварот против Севилја, клубот ќе донира по 100 евра за настраданите од поплавите на југоистокот на Шпанија.
„Леганес ќе донира по 100 евра за секој претрчан километар на нашите играчи, така што напорите на теренот ќе послужат нешто поголемо од победа“, најави претседателот на клубот Џеф Луноу.
„Сакаме да го покажеме нашето единство со луѓето од Валенсија и дека не постои дистанца што може да ги раздвои луѓето“, додаде тој.
Леганес, прволигаш од предградието на Мадрид, претходно собра 200 тони хуманитарна помош откако неговите навивачи, вработени и поддржувачи донесоа храна, облека и други потреби.
Најмалку 219 лица загинаа, а по околу 80 се трага, кога пред десетина дена силниот дожд поплави многу места. Куќите се под вода и кал, а многу луѓе останаа без имот во најголемата природна катастрофа во Шпанија во последните децении.
Фудбалскиот клуб Валенсија, чија провинција најтешко страдаше, затоа го одложи саботното гостување во Барселона кај Еспањол, додека претходно не играше ниту против Реал Мадрид.
Бројни клубови во Шпанија се приклучија да им помогнат на настраданите. Европскиот шампион Реал Мадрид донираше еден милион евра за помош на бројни семејства во критична ситуација.
Водечкиот тим на шампионатот, Барселона, исто така испраќа финансиска помош и дополнително организира аукција на потпишани дресови на клубот, парите ќе одат за настраданите.
„Сите се со Валенсија“,порачаа од Бетис откако во провинцијата Валенсија испрати камион исполнет со собрана помош и парична донација од 100 илјади евра. Фудбалерите на второлигашот Леванте од Валенсија со лопати в раце чистат кал од улиците на опустошените подрачја откако им беше одложен натпреварот.
Фудбалските натпревари во Шпанија ќе започнат со едноминутно молчење во чест на жртвите, исто како што започнаа ширум Европа оваа недела на меѓународните натпреварувања.