Положено цвеќе пред спомен-обележјата во Гевгелија; Учениците со дефиле и песни за Гевгелија и Македонија го честитаа денешниот празник 7 Ноември

465816035_569085188842848_5621418084283783920_n-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Одбележувањето на Општинскиот празник-7 Ноември, денеска, започна со прием на гостите- делегации од збратимените и пријателски Општини: Сежана- Словенија, Јабланица- БиХ, Севлиево- Бугарија и Гвозд и Копривнички Ивањец, Хрватска, полагање цвеќе пред спомен-обележјата во Гевгелија и училишно дефиле.

Имено, во Општина Гевгелија беа дочекани делегациите од збратимените и пријателски Општини: Сежана- Словенија, Јабланица- БиХ, Севлиево- Бугарија и Гвозд и Копривнички Ивањец, Хрватска. Во знак на долгодишната и успешна соработка, беа разменети пригодни подароци помеѓу претставниците и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.


Потоа, градоначалникот Сарамандов и делегациите на збратимените и пријателски општини од Бугарија, Словенија, Хрватска и Грција, Советот на Општина Гевгелија, локални и државни функционери, политички партии, Сојузот на борците- Гевгелија и граѓанскиот сектор, со полагање цвеќе оддадоа почит на предците и нивната борба за слободна Гевгелија.

На присутните им се обрати Ангел Алчинов од Општинското здружение на СЗБ од НОВ и нивните продолжувачи, потсетувајќи дека на 6 ноември 1944 борците на Вториот гевгелиски партизански одред, во параден строј, влегоа во Гевгелија, минувајќи низ главната улица. Граѓаните на Гевгелија воодушевено ги поздравија и ги дочекаа борците, радувајќи и се на слободата.

– За слободата на Гевгелија, беа положени 74 животи во борбата со фашистичкиот окупатор, од кои 13 потекнуваа од самиот град Гевгелија. Како денеска, така и понатаму на овој ден ќе продолжиме да им се поклонуваме, а на младите им оставаме аманет да не го заборават светлиот историски датум на нашиот град- рече пред гостите Алчинов.

По положувањето цвеќе, низ градскиот плоштад, продефилираа учениците заедно со своите наставници од основните училишта на подрачјето на општина Гевгелија. Со виорење на македонското знаме и грбот на Општина Гевгелија, парадирајќи до Народниот театар- Гевгелија, го одбележаа 80-годишниот јубилеј од слободна Гевгелија. Каде, со песна за Гевгелија и Македонија, и изложба на детски цртежи, го честитаа празникот на градот.

– Денес, е посебен ден за нашиот град, Гевгелија одбележува 80 години јубилеј од ослободувањето во Втората светска војна. Благодарение на непокорот, истрајноста и одлучноста на нашите предци пред 80 години, остварен е идеалот за слободна Гевгелија. Нека ни е честит 7 Ноември, празникот на градот, Денот на ослободувањето на Гевгелија е ден на кој треба уште еднаш да се потсетиме дека со оставање трага во нашето време ќе ја продолжиме заложбата на оние кои ги положиле своите животи- истакна градоначалникот Сарамандов, во својата објава на социјалните мрежи за денешните случувања по повод одбележувањето на 7 Ноември и честитањето на Општинскиот празник.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK