Шефот на ОН за изборот на новиот претседател на САД: Подготвени сме да соработуваме и покрај претходните напади на Трамп

guteres.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Генералниот секретар на ОН изјави дека е подготвен да работи „конструктивно“ со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, и покрај тоа што неговиот прв мандат беше обележан со напади врз ОН и буџетски кратења.


„Соработката меѓу САД и Обединетите нации е суштински столб на меѓународните односи“, рече Антонио Гутереш, честитајќи му ја победата на Доналд Трамп.

„Обединетите нации се подготвени да работат конструктивно со следната администрација за да се справат со драматичните предизвици на нашиот свет“.

Антонио Гутереш стана шеф на ОН кога Доналд Трамп влезе во Белата куќа во јануари 2017 година. Потоа мораше да се бори со американската политика која фаворизира унилатерализам, што го принуди да работи на ограничувањето на резовите на Вашингтон на мултилатералната соработка, движечката сила на ОН.

Доста успешен напор, велат набљудувачите кои веруваат дека генералниот секретар им овозможи на Обединетите нации да преживеат четири години од Трамп.

Четири години за време на кои Соединетите Држави ги намалија своите финансиски придонеси за клучните агенции на ОН, како што е Светската здравствена организација, или, исто така, за буџетот на мировните операции на ОН.

„Мислам дека Гутереш и неговиот тим веќе некое време се подготвуваа за враќањето на Трамп. Тие очекуваат дека САД ќе го намалат финансирањето на многу делови од ОН доста драстично“, изјави Ричард Гован од Меѓународната кризна група за АФП, бидејќи Обединетите нации веќе се соочува со буџетската криза.

Некои набљудувачи се особено загрижени за финансирањето на програмите поврзани со репродуктивните права.

За време на првиот мандат на Доналд Трамп, САД ги напуштија и УНЕСКО и Парискиот климатски договор, додека борбата против глобалното затоплување е приоритет на Антонио Гутереш.

„Фактот дека тие имаа различни мислења за голем број теми им беше јасен на сите“, рече во средата портпаролот на генералниот секретар Стефан Дужарик, но тој ги нарече односите меѓу Антонио Гутереш и претседателот Трамп „многу добри“.

Но, светот се промени за четири години, особено во текот на оваа последна година, обележана со ескалација на конфликтите на Блискиот Исток.

Генералниот секретар не штедеше зборови за да предупреди на „кошмарот“ на Палестинците во Појасот Газа, опустошен од израелската одмазда по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година – што тој исто така го осуди.

Поради овие критики на Израел, „многу членови на Републиканската партија во Конгресот се жестоко против ОН“, така што на Антонио Гутереш ќе му биде „потешко да управува со односите со Вашингтон“, оценува Ричард Гован.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK