Фудбалерот на Динамо Загреб, Мартин Батурина ја одби понудата на Реал Мадрид, пренесува германски „Скај спорт“.
За младиот офанзивен играч, интерес покажаа голем број сериозни европски клубови, а судејќи според информациите на „Скај спорт“, Батурина ја одбил понудата на Реал да потпише петгодишен договор со него.
Наводно не му се допаднала идејата што ја имале во клубот, кој е актуелен шампион на Европа и Шпанија, да го обезбедат за во иднина, а потоа да го испратат на позајмица во тим од Ла Лига.
За интересот на Реал за него се пишуваше и претходно, а шпанските медиуми објавија дека Батурина на клубот лично му бил препорачан од капитенот Лука Модриќ, кој го „избрал“ сонародникот за свој наследник.
Мартин Батурина оваа сезона настапи на 10 првенствени натпревари и постигна гол со пет асистенции, додека на три натпревари во Лигата на шампионите моментално има по еден гол и една асистенција.