(Видео) Невреме ја зафати Барселона – вода навлезе на аеродромот, откажани летови, поплавени улици

barselona.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Поројните дождови ја парализираа Барселона и околината.


Главната зграда на аеродромот во Барселона е потопена, вода протекува од таванот. Дождот силно врне и по улиците на градот, каде што една жена е снимена како се движи низ водата со гребло, а во блискиот Кастелдефелс, на околу еден час возење од Барселона, автомобилите „пливаат“. Ова се сцените кои доаѓаат од Шпанија денеска, по обилните врнежи и смртоносните поплави што ја погодија Валенсија, при што загинаа најмалку 217 луѓе.

Моќните бури што предизвикаа смртоносни поплави во источна Шпанија минатата недела, сега ја погодија Барселона, предизвикувајќи поројни поплави на главниот градски аеродром и околните области.

Метеоролошката служба на Шпанија издаде црвено предупредување за врнежи, предупредувајќи ги луѓето да не патуваат освен ако тоа не е „строго неопходно“ и да бидат внимателни.

„Дејли мејл“ пишува дека на мобилните телефони на жителите на Барселона денеска стигнале предупредувања за „екстремни и континуирани врнежи од дожд“ на јужната периферија на градот.

Патиштата беа блокирани од одрони од кал и надојдена вода, а возачите беа снимени како возат низ поплавените улици додека очајнички се обидуваа да се вратат дома на безбедно. На аеродромот, шокантни видео снимки покажуваат како вода навлегува во паркинзите и главната зграда и истекува од таванот, додека патници одат боси кон портата.

На едно од видеата на социјалните мрежи може да се видат бранови како удираат во брегот на Барселона додека луѓето врескаат.

Шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте изјави дека сите приградски возови во североисточна Каталонија, регион со осум милиони жители, се суспендирани на барање на службениците за цивилна заштита.

Пуенте рече дека врнежите ја принудиле контролата на воздушниот сообраќај да пренасочи 15 летови на аеродромот во Барселона, лоциран во јужниот дел на градот, а националниот аеродромски оператор подоцна соопшти дека вкупно 50 летови биле откажани.

Неколку автопати беа затворени поради поплави. Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат возила на делумно поплавен дел од патот.

Наставата беше откажана во Тарагона, град во јужна Каталонија на половина пат помеѓу Барселона и Валенсија, откако беше издадено црвено предупредување за врнежи од дожд. Интензивниот дожд во градот Тарагона почна да паѓа од полноќ и предизвика поплави, а градските власти веќе им препорачаа на граѓаните денеска да работат од дома. Властите на Тарагона преку мегафони предупредија да се отстранат возилата од одредени улици во населбата Ла Вал де л’Арабасада, на која и се заканува поплави, а градските власти го затворија пристапот до реката Франкола поради прогнозата за обилни врнежи и ризик од поплави.

Обилните врнежи, од 90 литри дожд на метар квадратен, поплавија неколку улици, а итните служби постојано работат на испумпување на водата од подрумските простории и поплавените површини на коловозот.

Бројот на загинати во катастрофалните поплави во Шпанија се искачи на 217 и е највисок во Европа од 1967 година, кога најмалку 500 луѓе загинаа во поплавите во Португалија, а десетици луѓе се уште се водат за исчезнати, соопштија денеска шпанските власти. Околу 3.000 домаќинства сè уште се без струја, соопштија официјални лица, пренесе Ројтерс.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK