Кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп ја посети една од последните станици на неговата предизборна турнеја, Северна Каролина. Таму се сретна со многу луѓе кои имаат намера да гласаат за него, а повеќето од нив воопшто не се сомневаат во победата на Трамп.
Вики Вестбрук, педесет и петгодишна мајка на пет деца и баба на две внуци, изјавила дека Камала може да победи на изборите само со мамење, пренесува Гардијан. Таа изрази и уверување дека токму така Бајден победил на претходните избори, поради што републиканците се бесни.
„Дојдовме до точка кога повеќе нема да го толерираме тоа. Републиканците нема да дозволат двапати да се крадат изборите“, рече Вестбрук. Тоа мислење го делат многумина, а во медиумите се повеќе се слушаат оправдани стравувања за тоа што ќе се случи и како ќе реагираат републиканците доколку Камала навистина победи.
На прашањето дали ќе реагира бурно доколку не е задоволна од резултатите на изборите, Вики Вестбрук изјави дека не ја сака портокаловата боја и не може да си дозволи да оди во затвор со оглед на тоа што има деца. Сепак, таа е убедена дека меѓу нејзините политички истомисленици има многу луѓе кои нема така љубезно да го прифатат поразот на нивниот кандидат.
Со нив се согласува и самиот Трамп, кој вчера им порача на приврзаниците собрани во Пенсилванија дека и пред четири години не требало да ја напушти Белата куќа, туку наместо тоа реагирал на „неправдата“.
И другите собрани на митингот во Северна Каролина го делат мислењето на Вестбрук, па триесет и осумгодишниот Афроамериканец Седрик Пернес потврди за Гардијан дека е убеден дека ќе има масовни немири и протести доколку Трамп загуби.
Очекувањата на републиканските гласачи се големи, а Трамп упорно тврди дека има голема предност на анкетите, иако медиумите со недели тврдат дека трката ќе биде тесна.