Поплавите во провинцијата Валенсија се најголемата природна катастрофа во поновата историја на Шпанија, така што дополнителни 5.000 војници и исто толку полицајци ќе бидат распоредени за да им помогнат на жртвите, рече премиерот Педро Санчез наведувајќи го новиот биланс на загинати – 211 лица.
„Ќе има време да се погледне назад, да се расчисти одговорноста (…). Сега мора да ги вложиме сите наши напори, да ги заборавиме нашите разлики, да ги оставиме идеологиите настрана и да дејствуваме како единствена обединета земја“, истакна Санчез.
Стотици доброволци пристигнаа во најтешко погодените области на Шпанија за да помогнат, бидејќи полицијата стравува дека повеќе тела се скриени во урнатините од поплавите.
El antes y el después de diferentes puntos de #Valencia tras las inundaciones. Una imagen vale más que mil palabras… 👇🏻 pic.twitter.com/spli495lF6
— Storm Málaga (@Storm_Malaga) November 1, 2024
Локален пратеник вели дека одговорните за „криминалното“ лошо управување треба да имаат свој ден пред суд.
Илјадници луѓе се пријавиле за помош, објави Волонтерската платформа на Заедницата на Валенсија.
На патот кон Чиво во Валенсија има толку многу луѓе што властите побараа од нив да не возат или да пешачат бидејќи ги блокираат патиштата потребни на службите за итни случаи.
Рано утринава вода се уште немало, а полицијата продолжила да пребарува куќи и подземни гаражи, загрижена дека во калта може да има уште тела, пишува Sky News.
„Цели куќи исчезнаа. Не знаеме дали има луѓе внатре или не“, изјави градоначалникот Ампаро Форт за радиото RNE.
На друго место во предградијата, службите за итни случаи кои работат на расчистување на автомобилите натрупани на влезот во поплавениот подвозник, исто така стравуваа дека ќе најдат уште заробени тела.
„Се обидуваме малку по малку да ги отстраниме возилата за да видиме дали има жртви“, изјави еден спасувач за државната телевизија.
Во Чива, жителите и волонтерите со лопати ги отстранија слоевите кал што ги покрива подовите на уништените продавници и домови.
Во невремето, за осум часа наврнало повеќе дожд во областа отколку што градот доживеал во претходните 20 месеци.
Метеоролошките предупредувања кои остануваат во сила на северо-источниот и јужниот дел на Шпанија треба да траат до недела, додека уште едно е издадено на Балеарските острови за сабота.
Пако Полит, новинар од Валенсија, изјави за „Би-Би-Си“ дека армијата ќе ја донесе многу потребната тешка механизација, булдожери, камиони и ќе помогне да се подобри брзината и организацијата на спасувачките напори.
Во меѓувреме, локалните власти се соочуваат со критики за брзината на нивното реагирање и недостигот на предупредување пред поплавите.
Ампаро Андрес, која има продавница во Валенсија веќе 40 години, изјави за Би-Би-Си дека во еден момент водата во зградата допрела до нејзиниот врат и верувала дека ќе умре.
Агенцијата за цивилна заштита, која е надгледувана од регионалната влада, издаде итно предупредување до телефоните на луѓето во и околу градот Валенсија по 20 часот по локално време, до кога поплавите брзо се зголемуваа во многу области и во некои случаи веќе предизвикуваа хаос.