Руската воена интеракција со Северна Кореја не е против меѓународното право, изјави денеска пред Советот за безбедност рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја, додека истовремено американскиот министер за одбрана предупреди на можно продолжување или проширување на војната во Украина.
„Би сакал да нагласам дека руската интеракција со Демократска Народна Република Кореја во воените и другите области е во согласност со меѓународното право и не е негово кршење. Тоа не е насочено против трети земји“, рече Небензја.
Во исто време, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин предупреди дека распоредувањето на севернокорејските сили може да ја продолжи и прошири војната во Украина.
„Распоредувањето на трупи на Северна Кореја во Русија за да и помогне на нејзината војна против Украина има потенцијал да го продолжи веќе две и пол годишниот конфликт и да ги привлече другите“, предупреди Остин.
Околу 10.000 севернокорејски сили веќе се распоредени во источна Русија облечени во руски униформи и руска опрема, рече Остин, и како што додаде, „тоа се повеќе личи на распоредување за поддршка на руските борбени операции во регионот Курск, во близина на границата со Украина“.
Украинските сили извршија голем упад во Курск во август и држат таму стотици квадратни километри територија. По разговорите со неговиот јужнокорејски колега во Пентагон, Ким Јонг-хјун, Остин го нарече распоредувањето „опасна и дестабилизирачка ескалација“.
Запрашан што мисли со ширењето на конфликтот и дали другите земји би можеле да се приклучат на борбата, Остин претпазливо одговори: „Тоа би можело да ги поттикне другите да преземат акција, различни видови акции… Има голем број работи што може да се случат“.
„Доколку Северна Кореја и помогне на Русија во војната, севернокорејските трупи може да очекуваат да бидат цел на украинските војници користејќи оружје обезбедено од САД и нивните сојузници, а некои најверојатно ќе загинат на бојното поле“, додаде Остин.
„Ако тие се борат заедно со руски војници, ги имаме сите причини да веруваме дека ќе бидат убиени и ранети како резултат“, рече Остин.