Наставниците следната недела ќе добијат плати повисоки за 5 %, а во март ќе добијат дополнителни 7 %, најави Мицкоски

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Октомвриската плата на вработените во образованието, која ќе биде исплатена на почетокот на ноември, ќе биде поголема за 5 отсто, а за зголемување на платите во здравството преговори ќе има следната недела. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека платите во образованието континуирано ќе растат во следните години, а најголем раст од околу 12 отсто, се планира во март 2028 година.


„Во основното и средното образование веќе постигнавме договор со Синдикатот. Сега веќе во ноември, кога ќе ја добијат октомвриската плата вработените наставници и професори, таа ќе биде повисока за 5 % и така ќе биде до март 2025 година. Во март 2025 година ќе биде зголемена за 7 %, значи во април 2025 година веќе платите ќе бидат зголемени за дополнителни 7 %. Во март 2026 помеѓу 7,5 и 10 % во зависност од тоа како ќе се движи економијата, генерално, и полнењето на буџетот. Во март 2027 година исто така меѓу 7,5 и 10 %, во март 2028 година меѓу 10 и 12,5 % во зависност од економијата и полнењето на буџетот“, рече премиерот Мицкоски и нагласи дека во високото образование годинава платите се зголемени за 30 отсто, согласно колективниот договор.

Во понеделник или вторник следната недела премиерот Мицкоски најави разговори со Синдикатот за зголемување на платите во здравството и постигнување договор и со нив.

Во буџетот за следната година за зголемување на платите се предвидени околу 6 милијарди денари.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK