Атлетико Минеиро е првиот финалист на овогодинешниот Копа Либертадорес, најсилното клупско натпреварување во Јужна Америка.
Бразилскиот тим се одбрани од Ривер Плата во реваншот на преполниот „Монументал“ во Буенос Аирес. Натпреварот заврши 0:0. Минеиро го доби првиот меч со 3:0 и стигна до мечот за титулата.
Аргентинскиот тим тргна на се или ништо на овој дуел. Напаѓаа уште од самиот почеток, но мрежата на гостите беше маѓепсана за нив.
Ривер упати дури 35 удари кон противничкиот гол, наспроти само шест на Атлетико, но ниту еден не ја погоди целта.
Атлетико предводен од поранешниот бразилски репрезентативец Хулк ќе има можност по втор пат во историјата да го освои престижниот пехар. Тие го направија тоа за прв пат во 2013 година.
Речиси сигурно е дека ривал во финалето ќе им биде Ботафого, кој го доби првиот меч против Пењарол од Монтевидео со 5:0.