Затекнавме многу проблеми, но за четири месеци ги зголемивме платите и обезбедивме учебници, рече министерката Јаневска

janevska-2.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Новата Влада затекна многу проблеми во образованието, но со силни напори, за кратко време, успеавме да направиме многу добри работи, од кои треба да се нагласат зголемувањето на платите на наставниците, обезбедените учебници пред почетокот на учебната година, вложувањата во 36 големи реконструкции и 36 помали санации на инфраструктурни објекти како и континуираните средби со граѓански, претежно младински организации, што резултираше со неколку експресно прифатени барања на студентите.


Ова одговори министерката за образование и наука Весна Јаневска на прашањето за приоритетите во изминатите 4 месеци, на Платформа: 100% посветени за тебе на тема „Мерки и политики за развој на образованието, културата и туризмот и спортот“, што денес се одржа во Владата.

„Ова покачување на платите на наставниците претставува сериозен придонес кон она што постојано го велиме: дека образованието е еден од приоритетите на оваа Влада, затоа што продуктот што образованието го дава претставува чувар на државата. Не само што овозможивме да се одвојат средства за покачување на платите, туку со СОНК успеавме да направиме повеќегодишен договор, за наставниците да се чувствуваат сигурни, да не зависат од моменталната состојба туку да знаат дека во следните 4 години загарантирано им е покачувањето на платите од најмалку 46% “, рече министерката Јаневска.

Во Министерството за образование и наука се подготвува стратешки документ во кој ќе има јасно дефинирани цели за долгорочен развој на квалитетот на образованието и насоки за остварување на тие цели.

„Идејата е овој документ да биде на јавна расправа, а потоа да се донесе во Собранието, за во иднина, кој министер и да дојде, да знае по која патека ќе се движи образованието“, објасни министерката Јаневска, додавајќи дека врз основа на овој документ, потоа ќе се изготви и следната Стратегија за образование, во која подетално ќе бидат објаснети целите од Декларацијата.

Одговарајќи на новинарско прашање за недостатокот на учебници во Општината Тетово, министерката посочи дека се обезбедени сите учебници што биле одобрени, а не биле испечатени во минатото и исто така, се дистрибуирани сите што биле побарани од училиштата. Напомена дека директорите не пријавувале оштетени учебници, за да ги заштитат сакајќи да ги заштитат родителите, кои според Законот, треба да се плати оштета во висина од 75% од цената на учебникот.

„Колку учебници биле нарачани, толку биле дистрибуирани. Побарани беа учебници за предметите физичко воспитување, ликовно и музичко образование, а истите не се предвидени со Концепцијата за основното образование“, одговори Јаневска.

Наскоро, рече Јаневска, ќе се донесе нов Закон за учебници, по што ќе следи и донесувањето на подзаконските акти, носење нови концепции, како и нови учебници.

„Откако ќе се донесе ова законско решение, ќе се разграничи што е учебник, а што материјал за учење“, рече Јаневска.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK