„Денеска објавуваме нов скандал поврзан со незаконитости во Јавното претпријатие Државни патишта. На 29-ти септември 2024 година, на патарините на наплатните рампи во Петровец, Сопот, Отовица и Градско, се пропуштени 40 возила без да платат патарина“, рече Менде Илиевски од СДСМ.
„Околу 240 ненаплатени пропуштања низ патарините само во еден ден на 40 возила кои биле пропуштени на широкопојасната лента со црвен семафор.
Еве ги снимките од панорамските камери доставени од свиркачи до СДСМ. Јасно се гледаат сите поминувања.
Ова е целосно спротивно на Законот и претставува самоволие на кадрите на Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ во Јавното претпроијатие.
Согласно член 66 од Законот за јавни патишта од патарина се ослободени само: возила со полициска придружба, возила означени на Армијата, полицијата, Царината, брзата помош, протипожарните служби, возила на заболени од законски дефинирани болести и лица со телесни оштетувања од 80% со соодветни книшки.
Никој друг не е ослободен од патарина.
Што значи има јасни законски ограничувања и никој надвор од овие законски прописи не може да ослободува возила да не платат патарина.
Наредбата за овие 40 возила да бидат 240 пати пропуштени низ патарините без да платат ја издал раководителот на наплатна служба, Ванчо Милевски, инаку кадар на ДПМНЕ.
Врв на ова самоволие е пораката, испратена по Вибер апликација, до сите Одговорни на гореспоменатите наплатни станици, во која децидно е Наредено замислата на Раководителот да се спроведе.
Ова самоволие и прекршување на законот се случува во време кога се поднесени кривични пријави за 6 вработени во јавното претпријатие дека пропуштале возила на полицајци без да платат патарина.
Прашањето сега е дали раководителот Ванчо Милевски ќе сноси одговорност? Дали Коце Трајановски ќе го разреши и дали МВР ќе му поднесе кривична пријава? Или за партиските кадри на ВМРО-ДПМНЕ не важат законите и можат да прават што сакаат?
СДСМ бара одговорност од Ванчо Милевски за прекршувањето на законите и негова одговорност.
Многу скандали му се собраа на Коце Трајановски, дали истрошениот Коце Трајановски воопшто е свесен какви кадри назначи од неговото доаѓање, дали е сигурен дека сите назначени кадри да ја контролираат работата немаат некоја тешка дициплинска постапка? Или само ги исполнува желбите на партиските војници, размислува ли тој за одговорност“, прашува Менде Илиевски од СДСМ.