​Ѓорѓиевски: Градoначалниците на Карпош и Струмица ги каниме во понеделник на состанок во ЗЕЛС

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, одговарајќи на новинарско прашање информираше дека градоначалниците на Карпош и Струмица писмено ќе бидат поканети на средба во ЗЕЛС во понеделник. Уште еднаш кажа дека ќе се вклучи како медијатор во процесот за надминување на недоразбирањата и дека е оптимист околу исходот од оваа ситуација.



-Со колегата Јакимовски имавме една неформална средба на која заеднички констатиравме дека тој нема забелешки на работата на ЗЕЛС, туку на одредена несоработка со поедини министри од централната власт. Како Претседател на ЗЕЛС, се понудив заедно со моите потпретседатели, Висар Ганиу и Перо Костадинов, да влезам на еден цивилизиран начин во процесот и да помогнам преку медијација. Исто така, денес, како ЗЕЛС ќе упатиме писмена покана до двајцата градоначалници за средба и состанок во понеделник во просториите на ЗЕЛС, заедно со раководството и со директорката на ЗЕЛС, на која ќе разговараме и ќе видиме кои се причините, кои се проблемите со кои се соочуваат и ќе се обидеме да најдеме решение. Јас сум оптимист, сметам дека тоа беше една нивна брза и непресметана реакција и мислам дека ќе најдеме начин, како и за многу други прашања претходно, заеднички да ги надминеме недоразбирањата и од сето тоа победници да бидат граѓаните-изјави Ѓорѓиевски
На прашањето дали струмичкиот градоначалник официјално го известил за истапувањето од ЗЕЛС и дали очекува тој да се појави на понудената средба во ЗЕЛС во понеделник, Ѓорѓиевски наведе дека од дописот кој вчера доцна попладнето пристигнал нема прецизни причини за кои би имало простор за лутина и преземање на вакви драстични чекори. Наведе дека е оптимист околу изнаоѓањето на решение, но исто така посочи дека за излез од ЗЕЛС не одлучуваат лично градоначалниците туку советниците во советите на Општината.

-До ЗЕЛС вчера доцна попладнето пристигнаа две изјави од страна на градоначалникот на Струмица и од Општина Струмица во која не известуваат дека ќе се изземат од работата на ЗЕЛС, без да се наведе ништо прецизно и конкретно. Како проблем градоначалникот Костадинов го наведува она што се случи со водоводот во Струмица и недобивањето на средства од Владата при апликација за проект, за што и самиот вели дека не бил известен дека не може да се аплицира со веќе започнат проект. Сметам дека тоа не е причина за која треба да се лути. Она што треба да го знаат и двајцата градоначалници е дека тие одлуки, за излез од ЗЕЛС се носат со гласање на советот, односно за тоа може да одлучат советниците во рамките на советите. Јас најпрво се надевам дека и двајцата ќе се одзват на поканата за средба во понеделник и дека ќе ги затвориме проблемите на еден цивилизиран начин, на начин на кој никој нема да изгуби и дека заедништвото и понатаму ќе биде наша одлика. Доколку одлучат поинаку, се надевам дека и тоа ќе го направат онака како што треба и ќе видиме што имаат да кажат советите околу излегувањето од ЗЕЛС-истакна Претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK