Германскиот канцелар, Олаф Шолц, изјави дека во моментот нема можност Украина да биде поканета во НАТО бидејќи, како што наведе, според него, земја во воена состојба не може да стане членка на Алијансата и сите се согласуваат со тој став.
Според Шолц, во моментов се разговара за безбедносните гаранции по завршувањето на тековната војна во Украина.
Шолц истакна дека руското кршење на меѓународното право бара посебни дејствија.
Според неговите зборови, од една страна треба да се поддржи способноста на Украина да се брани, а од друга да се спречи војната да прерасне во конфликт од поголеми размери, односно во војна меѓу Русија и НАТО.
„Ова е моја одговорност и тоа е нешто што јасно го разбирам. И нема да го сменам ставот, нема да дозволам да ме поколебаат“, изјави Шолц.
Во овој контекст, тој повтори дека не се согласува со префрлање во Украина на германски крстосувачки ракети „Таурус“ и друго оружје што може да придонесе за ескалација.
Шолц оцени дека е дојден моментот, вклучително и на бојното поле, кога е неопходно да се погледне како да се стави крај на војната и да се создадат перспективи за праведен мир за Украина што е можно поскоро.
Тој исто така изрази надеж дека ќе се одржи втор глобален мировен самит за Украина, овојпат со учество на Русија.