Љутков и Сирс потпишаа меморандум за разбирање: платформа за развој на културната и креативната економија

Potp.-Memorandum-so-Britanski-Sovet-4.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и директорката на канцеларијата на Британскиот совет за Западен Балкан, Клер Сирс, денеска потпишаа Меморандум за разбирање за периодот 2024 – 2027 година, кој е важен чекор кон зајакнување на соработката во областа на уметноста, културата и креативната економија.


Со потпишувањето на Меморандумот се реафирмира 30-годишното партнерство и пријателство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, а со тоа и можноста за поголема достапност на програмите на Британскиот совет во нашата земја и засилени кампањи за нивна афирмација.

„Потпишувањето на овој меморандум е потврда за добрите односи меѓу канцеларијата на Британскиот совет и Министерството за култура и туризам. Соработката ќе овозможи размена на знаења и искуства, како и реализација на различни проекти кои ќе го зголемат влијанието на креативната економија и ќе ја збогатат културната понуда во земјава“, рече Љутков.

Министерот изрази уверување дека Меморандумот ќе отвори нови можности за културна размена и соработка помеѓу уметниците и нагласи дека тој ќе биде платформа за иновации и креативност, а тоа ќе придонесе за подобрување на културниот дијалог и развој на локалната културна сцена. Таквата соработка ќе им овозможи на уметниците да се поврзат, да разменуваат идеи и да учествуваат во меѓународни проекти.

Со Меморандумот е предвидено да се спроведуваат проекти и активности во следниве области: градење капацитети за професионалци, филм, музика, визуелни уметности, театар, игри, технологија, културно наследство, дизајн, архитектура, мода и издаваштво.

Директорката Сирс очекува потпишувањето на Меморандумот за разбирање и улогата на Британскиот совет да придонесат за продлабочување на културните врски и за зголемување на иницијативите за реализација на значајни проекти.

„Овој меморандум за разбирање го означува почетокот на една нова ера во нашата соработка со Северна Македонија. Ќе бидеме непосредно вклучени во дополнителното зајакнување на енергичната креативна економија на земјата, особено во контекст на претстојните големи настани кои ќе понудат единствена можност да се прикаже талентот на Северна Македонија на пошироката сцена. Посебно сум задоволна што нашето партнерство доби нов замав благодарејќи на министерот Зоран Љутков и со нетрпение очекувам ова да биде првиот од многуте проекти што ќе ги реализираме заедно“, изјави Сирс.

Амбасадорот на Обединетото Кралство во земјава, Метју Лосон, кој присуствуваше на потпишувањето, рече дека овој документ е значаен чекор за долгорочна и продуктивна соработка меѓу двете земји.

„Особено сум горд и се радувам што присуствував на денешното потпишување на Меморандумот за разбирање меѓу Британскиот совет и Министерството за култура и туризам. Ова е потврда за продлабочување на нашите културни врски и британско-македонските односи. Одбединетото Кралство има многу да понуди во однос на креативните економии и развој на овој сектор во земјата. Заедно ќе работиме кон реализирање на многубројни проекти со поддршка од Британскиот совет и во соработка со Министерството за култура и туризам”, истакна Лосон.

Очекувањата се дека Меморандумот ќе придонесе за продлабочување на културните врски и за зголемување на заедничките иницијативи.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK