Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка по повод Денот на Македонската револуционерна борба, пришто повика на сплотеност, посветена работа кон подобар стандард, повисок стандард и создавање на општество на можности и почит.
„Да не го губиме времето на поделби и прашања кои не разединуваат“, порача Мицкоски.
Тој рече дека на делото на Македонската револуционерна организација која ги носи историските свети букви ВМРО е дело кое се вгради во изградбата на самостојна држава и своја самосвест.
„Никулците на македонската национална мисла создадени пред илинденскиот период, делата и идејата на преродбениците, и енергијата на македонското граѓанство, ефектите од претходните востанија на разни делови на тогашната Македонија, кулминираа и се преточија во движечката сила на Македонската револуционерна организација. Тоа беше силата втемелена во идејата за сопствена независна држава со свој идентитет и посебност“, порача Мицкоски.
На овој ден, вели премиерот, да се потсетиме на хероите кои ги дадоа животите за слободна Македонија, но и на заветот кој не обврзува.
„Потребно е да работиме за да донесеме иднина, да ја закрепнеме државата, да овозможиме правда, и економски просперитет. Народот да живее подобро и секој атом да го насочиме кон создавање на посветла иднина каква граѓаните заслужуваат“, рече Мицкоски порачувајќи да е вечна организацијата и Македонија.