Елвис Шаќири од „Ромалитико“ ja доби наградата на Стејт департментот за глобален двигател против расизмот

elvis.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Извршниот директор на Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико, Елвис Шаќири ја доби престижната награда за глобални двигатели против расизмот (GARC) која лично му ја врачи државниот секретар на САД, Ентони Блинкен во Стејт департментот, Вашингтон.


Оваа престижна награда на глобално ниво е признание за неговата значајна работа во застапување на правата на ромската заедница во нашата земја.

Наградата дава почит на лидери од граѓанското општество на глобално ниво кои покажале исклучителна храброст, лидерство и посветеност за унапредување на човековите права и борба против системскиот расизам, дискриминација и ксенофобија во нивните заедници. Лидерите се номинираат од амбасадите и конзулатите на САД ширум светот и секоја година се избираат шест лидери со исклучителен придонес во нивните заедници.

Шаќири беше номиниран од страна на амбасадата на САД во нашата држава вреднувајќи ги напорите што ги прави како поединец и како организација за борба против дискриминацијата, промовирање на еднаквоста и обезбедување пристап до основните човекови права за Ромите.

„Нашата борба за еднаквост продолжува преку подобрување на пристапот до образование, домување, вработување и дигитална вклученост на ромската заедница“, истакнува Елвис Шаќири. Тој додава „продолжуваме да градиме пат за гласот на ромската заедница да биде слушнат, почитуван и вклучен во обликување на нашата иднина“.

Во текот на неговиот престој, Шаќири имаше повеќе работни состаноци со претставници на Стејт департментот и други институции и организации кои работат на заштита на човековите права. На доделување на наградата присуствуваше и нашиот амбасадор во Вашингтон, Зоран Попов.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK