(Видео) Битиќи: Лоши прогнози на Светска банка за економијата – политиките на Мицкоски се неуспешни

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Светска банка во својот најнов извештај за Македонија изнесе аларамантни и поразителни податоци за економската состојба на земјава, дека извештајот не е технички документ туку слика на секојдневието од втората половина на тековната година – раст на цените, уништување на животниот стандард, откажување од планот за раст на платите, кажа денеска на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.



Според Битиќи, нашата економија е во слободен пад и наместо очекуваниот економски раст од 2,5 проценти, годинава, според Светска Банка, ќе ја завршиме со само 1,8 отсто раст на БДП што е јасен сигнал дека економските политики на ВМРО-ДПМНЕ се целосно неуспешни.

„Во извештајот јасно се забележува дека главната причина за овој пад е „топло-ладниот” однос према реализирањето на клучните инфраструктурни проекти – Коридорите 8 и 10Д, кои требаше да донесат економски бенефит, но ВМРО-ДПМНЕ ги држи на хартија. Наместо да се движиме напред, владата дозволи овие проекти да останат закочени, а тоа има катастрофални последици за БДП. Дополнително, додека слушаме за големи ветувања за инвестиции во енергетскиот сектор, според Светска банка овде се таложат проблеми кои се реален ризик да го забрзаат падот на економијата“, вели Битиќи.

Тој посочи дека во ваква ситуација, светлото на крајот на тунелот, според Светска банка, може да биде само Планот за раст на Европската унија, кој заедно со веќе воспоставените мерки за раст на платите и поддршката на компаниите (домашни и странски) би донел позитивен импулс во македонската економија.

„Ова е патот кој треба да го следиме – патот кон Европа, кон стабилност и модернизација. Но, наместо тоа, Владата продолжува да се задолжува неконтролирано со кредити кои ќе ја донесат државата во компромитирана ситуација не само на економски туку и на геополитички план“, рече Битиќи.

На крајот од годинава, како што рече, фискалниот дефицит ќе достигне 4,9 проценти, а јавниот долг ќе скокне на загрижувачки 63,5 проценти од БДП.

„Со ново најавените 500 милиони евра дополнително задолжување од Унгарија, може да очекуваме јавниот долг да се приближи на 70% од БДП. Патека која води во економски пропаст. Се создава долг што економијата нема капацитет да го поддржи преку создавање на нова вредност. Каматната стапка од 3,25%, кој е толку фалена од власта, е повисока од очекуваниот раст на БДП за 1,45 процентни поени“.

Според него, Владата не може да ја контролира ситуацијата, а луѓето едвај врзуваат крај со крај. Владините мерки за ограничување на маржите на мал дел од прехранбените производи, вели Битиќи, се апсолутен неуспех.

„Економијата може и мора да се опорави, но за тоа е потребна влада која знае како да управува со ресурсите на државата, која е транспарентна и која ќе ги штити интересите на сите граѓани, а не интересите на привилегирани малкумина“, изјави Битиќи на прес-конференцијата.

Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ:

„Да не се грижи СДС, Македонија се движи во правилна насока и опустошената економија која ја оставија, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има план и програма како да ја развие. СДС од опозиција глуми лажна грижа за граѓаните и економија, имаа седум години да ја развиваат Македонија и да зголемат економскиот. Но наместо тоа, оставија урнисана економија, девастирани институции, празен буџет. За разлика од СДС, ВМРО-ДПМНЕ на власт презема конкретни мерки за заживување на економија и за зголемување на животниот стандард на граѓаните. За само два месеци влада, ВМРО-ДПМНЕ донесе четири странски инвестиции, од кои само една е во вредност од над 500 милиони долари, и нови над 1500 вработувања. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го зголеми пензиите за 5000 денари линеарно покачување за сите пензионери, следи зголемување на платите на просветните работници кое до крајот на мандатот ќе достигне 46%. Над четири милијарди евра само во прва фаза ќе бидат доделени на сите општини за реализација на капитални и инфраструктурни проекти кои што директно ќе влијаат на заживување на економијата и стопанството и со тоа ќе се овозможи рамномерен економски развој“, пишуваат од владејачката партија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK