Вицегувернерката Нацевска: СЕПА може да донесе бројни придобивки за компаниите

emilja_nacevska_22342343
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

„Динамиката на пристапувањето во Единствената област за плаќањa во евра (СЕПА) зависи од степенот на подготвеноста на земјите и степенот на усогласеност на националната правна рамка со европското законодавство за чија што оценка беше обезбедена и техничка помош од Светската банка. Нашата земја, Албанија и Црна Гора од страна на Светската банка во овој процес беа оценети со висок степен на усогласеност со правната рамка и беа првите три од шесте земји од Западен Балкан, чии што централни банки, во текот на јуни и јули, поднесоа апликации за членство до Европскиот Совет за плаќања . Очекувањата се дека трите земји се со голема можност за скорешно пристапување во Единствената област за плаќањa во евра (СЕПА)“, изјави вицегувернерката на Народната банка Емилија Нацевска во интервју за емисијата „360 степени“ на МТВ.

Нацевска потенцира дека со поднесувањето на самата апликација со целата пропратна документација која претставува огромен пакет од документи, нашата земја покажа дека релевантната европска регулатива е преточена во домашното законодавство, а пристапот до европскиот платежен систем ќе подразбира користење на придобивките пред земјава да стане полноправна членка на ЕУ.


„Членството во СЕПА е една од приоритетните активности коишто се поддржани со најновиот план за раст од страна на Европската комисија, којашто има за цел забрзана економска интеграција и доближување на регионот до единствениот пазар на ЕУ, што ќе овозможи граѓаните и компаниите што поскоро да ги почувствуваат бенефитите од членството. Со пристапувањето, значително ќе се намалат трошоците за прекуграничните плаќања во евра, ќе се обезбедат подобри услови за меѓународна соработка, трговија и инвестиции, ќе се подобри управувањето со готовинскиот тек, ќе се зајакне пристапот до пазарите во ЕУ, ќе се подобрат односите со деловните партнери преку побрзо порамнување на плаќањата“, истакна вицегувернерката Нацевска, нагласувајќи дека главниот двигател на СЕПА е поттикнување на конкуренцијата, а со тоа намалување на трошоците и забрзување на прекуграничните плаќања кои ќе се извршуваат во рок од еден ден, а доколку се користат системите за инстант плаќања − во рок од неколку секунди.

„Пристапувањето ќе биде особено значајно за дознаките, бидејќи тие кај нас, па и во регионот на Западен Балкан, тие играат значајна улога во економијата, достигнувајќи дури и до 15% од БДП. Трошоците за извршување на дознаките, кои се околу 6,7% од износот на трансакцијата тековно, ќе се преполоват на околу 3%, пришто на ниво на регионот на Западен Балкан ова може да придонесе за заштеда од дури половина милијарда евра. Значајни заштеди се очекуваат и кај фирмите. Според студија на Светска банка која ги анализира трошоците за извршување плаќања од микро, малите и средните фирми помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија, плаќање на износ од 5.000 евра од фирма во Западен Балкан кон фирма во ЕУ чини 10 пати поскапо отколку плаќање помеѓу фирмите во ЕУ. Трошоците во обратна насока, кога фирма од ЕУ плаќања кон фирма од Западен Балкан, се уште повисоки односно 12 пати повисоки во споредба со тоа кога плаќањето се извршува помеѓу фирмите од ЕУ. Трошоците за плаќањата на поголеми износи се уште повисоки“, истакна вицегувернерката Нацевска. Според проценките на Светската банка членството во СЕПА може да ја намали и сивата економија за 2 процентни поени во регионот на Западен Балкан, посочи Нацевска.

Вклучувањето во СЕПА е приоритет за Народната банка и другите институции вклучени во процесот, истакна Нацевска, кое ќе овозможи забрзување на трговската и финансиската интеграција на земјата во ЕУ и повисок економски раст.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK