Европските челници денес на важен состанок за мигрантите и Украина

zelenski-ursula.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Лидерите на Европската унија се состануваат денеска во Брисел за да разговараат за илегалната миграција со која се соочува блокот, различните ставови за конфликтот на Блискиот исток и понатамошната поддршка за Украина разурната од војна.


Миграцијата е спорно прашање во Унијата со години. Во ситуација кога голем број изборни успеси на екстремно десничарските партии се забележани во неколку земји од блокот и во услови на променет безбедносен пејзаж, одделни земји заземаат сè порестриктивни позиции.

Полска неодамна објави планови за привремено суспендирање на правата за азил, обвинувајќи ги Русија и Белорусија дека испраќаат мигранти на границата со Полска, која е и надворешна граница на ЕУ, за да го дестабилизира блокот и да ја поткопа неговата безбедност.

Исто така, Германија повторно ги воведе граничните контроли на другите земји-членки на ЕУ по смртоносниот напад со нож во западниот град Солинген и откако екстремно десничарската опозициска партија Алтернатива за Германија (АфД) постигна големи придобивки на регионалните избори.

Се очекува европските лидери да разговараат за вклучување на земјите надвор од ЕУ во обработката на илегалните мигранти, откако Италија оваа недела објави дека првите мигранти биле донесени во нови, контроверзни центри за азил во Албанија.

Земјите-членки на Унијата претходно оваа година се согласија на голема реформа за заострување на законите за миграција и азил, кои се подготвуваат со години, но имплементацијата на новите правила може да потрае и со години, при што некои бараат да се забрза процесот.

Миграцијата не е единствената тема на агендата на состанокот за која тешко се постигнува заеднички пристап на 27-те членки на блокот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе им се придружи на европските лидери за да ја претстави својата визија за завршување на војната и да побара поголема поддршка. Сепак, Унгарија ја блокира понатамошната воена помош.

Лидерите ќе разговараат и за конфликтот на Блискиот Исток, откако не успеаја да се договорат за одговор кој би можел да помогне да се запрат борбите.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK