СAEM НА МАШИНСКИ ФАКУЛТЕТ: Шанса за вработување на студентите кај водечките технолошки компании во земјава

mashinski_saem_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Студентите од техничкиот кампус добија можност да се запознаат со потенцијалните работодавци. Машинскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, денеска свечено го отвори дводневниот „Саем за пракса и вработување“, со цел да ги поврзе своите, како и студентите и идните инженери од Факултет за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ,  од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ и од Технолошко-металуршки факултет -ТМФ со 20 технолошки водечки компании од земјава.  Настанот има за цел да го поттикне идниот развој на практична работа и кариерни можности во компаниите од македонската индустрија кои овие два дена ќе ги претстават своите понуди за пракса, како и да разгледаат опции за соработка со наставниот кадар за развивање проектни задачи и дипломски работи.

Саемот, што традиционално се одржува на МФ, е можност и за студентите да се претстават пред компаниите, да разменат биографии и да добијат совети за својата професионална кариера. Деканот на Машинскиот факултет, проф. д-р Златко Петрески,  нагласи дека барем еднаш годишно организираат средба на студентите со индустријата.


„Ова е еден од начините на кој сакаме да го заокружиме системот на образование кој го нудиме на студентите, и покрај праксата да им понудиме и можности за вработување. Ние го одбравме овој начин за студентите да се сретнат со претставници на најголемите компании, но и можност за индустријата пред студентите да ги промовира своите програми на работните места и на што работат. Ова е една од позначајните можности кога нашите студенти и дипломци може да се запознаат конкретно со компаниите“, рече деканот проф. д-р Петрески.

Благица Милкова, студентка на трета година на Машинскиот факултет, на  студиската програма по индустриско инженерство и менаџмент, овој саем го препознава како можност за студентите да се претстават пред индустријата, но и како шанса за пракса која може да им помогне во нивната понатамошна кариера.

„Остваруваме комуникација со различни фирми, а кои може да кажам дека се едни од попрестижните, едни од поголемите фирми во индустријата и технологијата. Како студенти не секогаш имаме можност да дојдеме во контакт со фирми кои имаат најпрестижна технологија. Исто така имаме можности да бираме која фирма да ја избереме, од било кој град, за пракса, бидејќи ние студентите во првите години целиме да одиме на пракса во престижни фирми. Праксата е една отскочна даска, која понатаму можеме да ја напишеме во нашата биографија и да покажеме дека сме биле во некоја фирма“, изјави Милкова.

За претставниците на компаниите овој саем претставува можност да пронајдат студенти кои ќе бидат заинтересирани за пракса и вработување.

„ Им обезбедуваме секакви можности да дојдат кај нас на пракса, да се стекне со практично знаење, кое што понатаму може да го преточат во добра инженерска дејност. Имаме отворена соработка со сите образовни институции и отворени сме за сите студенти да им излеземе во пресрет за вработување и пракса“, изјави Христо Казанџиски од „Микросам“.

Според проф. д-р Јасмина Тониќ Рибарска, Раководител на Центар за кариера на Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, овој саем е само уште една потврда дека компаниите го препознаваат квалитетот на студентите кои студираат на УКИМ.

Проф. д-р Радмил Поленаковиќ, Раководител на Центар за кариера на Машинскиот факултет во Скопје вели дека основната равенка на образовниот систем која треба да ја реши е образованието да е еднакво на вработливост.

„Тоа значи дека колку поквалитетно образование, толку полесно вработливи студенти, односно средношколци. Ние поддржуваме блиска соработка со компаниите, тоа е доказ дека 20 компании се присутни на овој саем, се надевам дека проактивноста на нашите студенти ќе овозможи многу лесно да се најде пракса и вработување во овие и во други компании“, рече проф. д-р Поленаковиќ.

Студентите и идните инженери од техничкиот кампус во следниве два дена ќе можат да разменат информации за потенцијалните можности за пракса, но и за вработување, а притоа и да остават своја биографија кај потенцијалните идни работодавци.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK