Рама: Северна Македонија беше понижена, тажен сум што нашите браќа не почнаа преговори

rama.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Премиерот на Албанија, Еди Рама, упати јавна поддршка за Северна Македонија и критики до Европската Унија што нашата земја се’ уште не ги почна преговорите за членство, додека денес тоа го направи Албанија.


За време на прес-конференцијата по отворањето на пристапниот процес за Тирана, Еди Рама изјави дека билатерализацијата на патот на една земја кон Европската Унија е болна работа, бидејќи ако се билатерализира овој процес само и се нанесуваат штети на таа држава.

„Со спречувањето на Македонија, а потоа и Северна Македонија, и се нанесе голема штета на државата, голема штета на луѓето и со тоа и голема штета на регионот“, истакна албанскиот премиер.

До ЕУ порача: Кажете и’ дека не ви се допаѓа нејзиното име кога ќе стане членка, но дозволете и’ да функционира како земја членка на ЕУ.

Рама изјави и дека Македонија беше пред 20 години неспорно ориентирана кон западната евроатлантска заедница, а сега работите се менуваат.

„Тажен сум што нашите браќа од Македонија се уште не може да влезат во фазата од преговорите во кои сега е Албанија, иако беше меѓу првите, ако не и прва, што го почна овој процес меѓу државите во регионот. Па кога зборувам за нашите понижувања затоа што три пати по ред бевме одбивани за почеток на пристапните преговори, тогаш се чувствувам некако засрамено затоа што морам да помислам на понижувањата на Северна Македонија. Тие го сменија името и за да можат да започнат преговори. Историјата не може да биде причина за запирање на пристапните преговори за која било земја“, рече Рама.

Во врска со заедничкиот пат на Албанија со Северна Македонија кој од денес се раздвојува Рама изјави дека двете држави низ годините биле како Владимир и Естрагон кои го чекаат Годо, а Брисел во тоа време изгледал како Семјуел Бекет.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK