Шефот на турската дипломатија Хакан Фидан денеска го критикуваше меѓународниот правен систем, наведувајќи дека израелската војна во Газа ја покажала својата пристрасност и хиерархиска природа.
„Она што се случува во Газа е жив доказ за фактот дека меѓународниот систем е создаден за да се користи и злоупотребува од привилегирано малцинство“, рече Фидан на Конференцијата за глобална дипломатија и иднината на Палестина во Анкара, пренесе Ал Џезира.
Тој додаде дека, се покажало дека меѓународната заедница, почнувајќи од муслиманскиот и арапскиот свет, е бескорисна, немоќна и безнадежна да ја спречи оваа трагедија која трае, пренесува Танјуг.
Фидан повика на итна акција, предупредувајќи дека доколку не се најде решение, војната во Газа ќе ескалира во поголема регионална и глобална криза.