Додека војната меѓу израелската армија и либанскиот Хезболах продолжува, Обединетите нации соопштија дека нивните мировни сили во јужен Либан ќе останат на своето место и покрај постојаните израелски барања тие да се повлечат.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неколку наврати ги повика привремените сили на ОН во Либан (УНИФИЛ) да се повлечат од базите на југот на земјата, а на тоа претходеа неколку сериозни инциденти во кои беа ранети припадници на силите на ОН.
Нетанјаху рече дека мировните сили во јужен Либан служат како телохранител на Хезболах.
Шефот на мировните операции на ОН, Жан-Пјер Лакроа, за новинарите во Њујорк изјави дека УНИФИЛ останува на место да му помогне на цивилното население и да го исполни мандатот што им го дал Советот за безбедност на ОН, кој ја поддржува одлуката.
Повеќе од 20 луѓе беа убиени во израелски напад врз селото Аита во северен Либан во понеделникот, 14 октомври, објавија локалните власти.
Според извештаите, станбената зграда, за која локалните жители велат дека е дом на семејства кои неодамна се преселиле од јужен Либан, била целосно уништена.
Од израелската воена команда соопштија дека цел билo едно од упориштата на Хезболах.
„Ги истражуваме тврдењата дека во нападот биле убиени либански цивили“, се додава.
Додека израелските сили ја продолжуваат офанзивата на северните делови на Појасот Газа, особено околу Џабалија, хуманитарните организации укажуваат дека палестинските цивили се на работ на гладување.
„Ситуацијата е катастрофална. Немаме залихи, останува уште многу малку храна и немаме гаранции од Израел дека нешто ќе биде доставено до Џабалија, каде што се заробени повеќе од 100.000 луѓе“, вели Јоргос Петропулос, шеф на хуманитарната агенција на ОН (OCHA), во Газа.
Десетици илјади се раселени од своите домови во областа Џабалија, но има и многу кои не можат да заминат поради се пожестоките борби.
Според податоците на ОН, во северниот дел на Газа има околу 400.000 Палестинци.
Според Министерството за здравство во Газа, со кое раководи Хамас, во последните 24 часа на таа територија загинале 55 лица, а околу 330 се ранети.
Израел постојано ги повикува мировните сили да се повлечат од областа на јужен Либан, каде од 30 септември се водат интензивни борби меѓу израелската армија и Хезболах.
УНИФИЛ досега ги одбиваше овие барања.
Речиси 10.000 мировници на ОН од 50 земји се стационирани во Либан, заедно со околу 800 цивилен персонал.
Од 1978 година тие патролираат во областа помеѓу реката Литани и границата меѓу Либан и Израел, позната како „Сината линија“, пренесуваат агенциите.