Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха вчера ги осуди руските ракетни напади врз два брода во јужните пристаништа на Украина како „намерна терористичка тактика“.
„За само два дена, руските балистички напади оштетија два цивилни товарни брода во Одеса…“, напиша Сибиха на Икс.
„Ова е намерна терористичка тактика. Мораме да ги здружиме силите на сите одговорни земји и организации за да… обезбедиме слобода на пловење во Црното Море и глобалната безбедност на храната“, додаде тој.
In just two days Russian ballistic attacks damaged two civilian cargo vessels in Odesa. Yesterday, one with corn bound for Italy. Another one today, killing one and wounding five people. There were damaged vessels earlier in September. This is a deliberate terrorist tactic.
— Andrii Sybiha 🇺🇦 (@andrii_sybiha) October 7, 2024
Шеесетгодишен Украинец загина во напад со балистичка ракета на пристаништето Одеса на Црното Море. Проектил погоди цивилен брод и усмрти 60-годишен Украинец, објави вчера на Телеграм Олех Кипер, воениот гувернер на јужната украинска област Одеса. Повредени се пет странци, рече тој.
Според властите, цел на руските напади повторно била пристанишната инфраструктура.
Властите известија дека и во неделата вечерта при напад на руски беспилотни летала бил оштетен цивилен брод. Додека Украина нагласува дека се работи за цивилни бродови, руското Министерство за одбрана тврди дека тие биле насочени кон воени цели.
Русија тврди дека цивилни бродови тајно пренесуваат оружје за војната во Украина. Нема докази за тоа.