Основниот кривичен суд Скопје денеска информира дека притвореникот Б.В., кој е еден од обвинетите во предметот со К.бр. 1339/24 поврзан со двојното убиство на малолетната Вања од Скопје и велешанецот Панче Жежовски, бил префрлен од затворот, на Клиниката за Нефрологија поради влошена здравствена состојба.
„Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат главната расправа за предметот со К.бр. 1339/24 поврзан со двојното убиство на малолетната В.Ѓ. и велешанецот П.Ж. од ноември 2023 – та година, ја известуваме јавноста дека: ЈЗУ Универзитетска клиника за Нефрологија – Скопје на 02.10.2024 година го извести Основниот кривичен суд Скопје, дека притвореникот Б.В., кој е еден од обвинетите во конкретниот предмет, од КПУ Затвор Скопје е префрлен и хоспитализиран во наведената клиника заради влошена здравствена состојба.
Имајќи го предвид известувањето, а заради економичност и ефикасност на постапката, расправите насрочени за 7 и 9 октомври 2024 година ќе бидат отповикани, а судењето ќе продолжи на следниот, веќе насрочен термин, на 14.10.2024 година во 10:00 часот, за што странките во постапката се веќе известени“, информираат од Кривичниот суд.