Највисокиот лидер на Хамас надвор од Газа изјави за Би-Би-Си дека кризата што неговата организација ја предизвика на Блискиот Исток, која доведе до илјадници смртни случаи низ целиот регион во изминатата година, е оправдана.
На прашањето на меѓународниот уредник на Би-Би-Си, Халил ал-Хаја, заменик-лидерот на Хамас, негираше дека борците на Хамас целеле на цивили за време на нападот на 7 октомври минатата година.
Околу 1.200 луѓе, главно израелски цивили, беа убиени, а повеќе од 250 однесени во Газа како заложници. Велика Британија и други влади го прогласија Хамас како терористичка организација, пренесува медиумот.
Ал-Хаџа рече дека нападите на 7 октомври минатата година биле неопходни за да се врати прашањето за палестинската државност на глобалната агенда. Без тоа, рече тој, циклусот на насилство на Блискиот Исток нема да заврши.
„Бараме луѓе. Моравме да направиме нешто за да му кажеме на светот дека има луѓе кои се под окупација со децении“, рече Ал-Хаја.
На прашањето на новинарите зошто во нападот загинаа цивили, вклучително и деца, Ал-Хаџа одговори: „Им наредивме на нашите борци на отпорот да не таргетираат цивили, жени и деца. Целта беа окупационите војници кои секогаш ја убиваа и уништуваа Газа. Ние не поддржуваме нанесување штета на цивилите. Имаше лични грешки и акции на теренот. Борците можеби чувствувале дека нивните животи се во опасност“.
Тој кажа и дека борците јаделе и пиеле по куќите на семејствата, за жените и децата да не се плашат од нив. На прашање на новинарот зошто било потребно да се киднапираат 250 луѓе од Газа, главно цивили, меѓу кои и жени и деца, тој одговорил:
„Една од целите на 7 октомври беше да се киднапира мала група израелски војници кои ќе бидат разменети за палестински затвореници. Не беше наш план да заробуваме цивили, жени и деца“, рече тој.
Тој додал дека тоа е начин да се натера израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја заврши војната со Палестинците.
„Прашањето е кога Нетанјаху ќе одлучи да ја прекине војната. Кога светот ќе го принуди да ја прекине војната? Одлуката е на Нетанјаху да ја запре војната. Како можат луѓето кои се спротивставуваат на окупацијата да се предадат? Луѓето кои пружаат отпор на окупацијата не се откажуваат“, рече тој и додаде:
„Доколку светот ни ги даде нашите легитимни права, овој циклус на насилство ќе престане. Но, Израел не го сака тоа“.
Интервјуто, како што пишува медиумот, беше одржано во Доха, каде што се наоѓа најголемиот дел од политичкото раководство на Хамас. Иран го нападна Израел со балистички ракети околу еден час по снимањето на интервјуто.