Премиерата на комедијата „Жени во црвено“ во Македонија ќе се одржи на 9 октомври во 19 часот на сцената на Националната опера и балет во Скопје. Претставата, која ја носи JEС Продукција од Скопје, ги обединува на сцената неповторливите актерки Олга Одановиќ, Дубравка Мијатовиќ, Анастасија Мандиќ и Сена Ѓоровиќ, под режија на Бојана Лазовиќ.
Претставата раскажува за четири жени кои се наоѓаат во комична, но истовремено и сериозна ситуација. Поранешната стјуардеса Тамара и нејзината сестра Нора, која е невработена, се соочуваат со финансиски тешкотии и неможност да го платат својот станбен кредит. Динка, службеничка од банката, доаѓа со намера да го конфискува имотот, но се соочува со неочекуван отпор од сестрите. За да го задржат својот дом, тие преземаат драстични чекори, додека надвор од нивната зграда полицијата и специјалните единици го заоструваат конфликтот. Во меѓувреме, на местото на настанот пристигнува полицајката Анѓа, со свој личен проблем.
Комедијата „Жени во црвено“ на комичен начин ги обработува темите на долгови, финансиски кризи и животните предизвици, истовремено потсетувајќи на важноста од солидарноста, пријателството и заедничкото справување со проблемите.
Текстот е на Давор Шпишиќ, режијата на Бојана Лазовиќ, сценографија и костимографија на Јелена Стокуќа, а музиката на Ирена Поповиќ Драговиќ.