Со предавањето на Олег Солдатов, претставник на Советот на Европа во земјата се одржа првиот час на Школата за јавни политики „Мајка Тереза“ за генерацијата 2024/25 година. Солдатов предаваше на тема Европската конвенција за човекови права, Судот и членот 10, со што пред учесниците ги пренесе вредностите врз кои е изградено правото на слободно изразување, изнесување мислења и ставови.
Солдатов ја истакна важноста на унапредувањето на слободата на изразување како суштинска вредност за разновидно и демократско општество. „Слободата на изразување е основен столб на секое демократско општество. Особено е важно почитувањето на Европската конвенција за човекови права на првата конвенција на Советот на Европа од страна на секоја земја-членка на и камен-темелникот на сите нејзини активности“ изјави Солдатов.
„Школата за јавни политики е посветена на основните вредности на модерното демократско општество и поттикнува развој на одговорно и етичко лидерство. Едукацијата е насочена кон зајакнување на компетенции за дијалог на актуелни политички, социјални и економски прашања, јавни политики којшто ги земаат предвид основните принципи на доброто владеење и различните јавни интереси и мислења. На овој начин градиме лидери кои ќе ја остварат евро атлантската иднина на нашата земја“, истакна Марија Ристеска, извршната директорка на ЦИКП.
Следните предавачи на школата во октомври се амбасадорот на Република Унгарија, Н.Е Адреас Клајн, на тема „Проширување на ЕУ под унгарско претседателство со ЕУ“ и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Н.Е. Петра Дрекслер на тема „Последиците од самитот во Берлинскиот процес“.
Школата за јавни политики ќе се одвива од октомври до јуни во викенд предавања и дискусии водени од експерти на теми поврзани со јавните политики. На крајот Школата вклучува и посетата на Светскиот форум за демократија во Стразбур, којшто е годишен собир на лидери, креатори на јавното мислење, активисти на граѓанското општество, претставници на бизнисот, академската заедница. Дипломата за завршена школа ја доделува Центарот за истражување и креирање политики и Советот на Европа на крајот на академската година.