Минималната плата не стана 450 евра; Трендафилов: Утре ќе биде 101 ден од новата Влада и ништо нема да биде сменето   

Screenshot_1-10-2024_125913_www.facebook.com_.jpeg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Владата на Христијан Мицкоски не го исполни барањето на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) од мај годинава, покачувањето на минималната плата на 450 евра да им биде приоритет и да се случи во првите сто дена. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов се уште чека седница на Економско – социјалниот совет на која ќе се разговара за покачувањето на минималната плата.


„Не би коментирал што се случи во првите 100 дена. Утре ќе биде 101 ден од новата Влада и повторно нема да биде ништо сменето. Очекуваме да седнеме на седница на Економско-социјалниот совет и да ни кажат што направиле“, рече претседателот  на ССМ, Трендафилов денес пред почетокот на конференцијата „Социјален дијалог – состојба, перспективи и предизвици” организирана од ССМ и Фондацијата Фридрих Еберт.

Сојузот на синдикати на Македонија веќе донел одлуки и заклучоци дека ќе даде поддршка на сите синдикати во борбата за раст на платите, вклучително и на минималната плата, нешто кое според претседателот Трендафилов,  требало да се случи вчера, оти денес е доцна.

Трендафилов очекувал, но во првите сто дена од новата Влада не бил повикан на состанок за да ги пренесе барањата на работниците, па најави дека тоа ќе го стои на првата седница на Економско-социјалниот совет.

„Сметаме дека аргументите се токму на страната на работниците. Сметаме дека 25.000 работници во државата кои примаат плата од 22.567 денари е нечовечки и некоректно да ја примаат таква. Сметаме дека 10.000 работници кои примат плата од 1 денар до 22.567 денари е кривично дело што го прават работодавачите. За да се покрие една синдикална минимална кошничка се потребни веќе три минимални плати, затоа сметаме дека нашите аргументи се издржани. Делот за храна и пијалаци е веќе 23.000 денари, значи една минимална плата не покрива ниту леб и вода. Овие наши аргументи како и другите кои треба да ги изнесеме на седница на Економско – социјалниот совет, ќе бидат првиот чекор да им покажеме со што се соочуваме како претставници на работниците и сметаме дека ако очекуваат да ги разбереме, треба прво тие да не разберат нас“, вели претседателот Трендафилов.

Денес на иницијатива на ССМ првпат на едно место се собираат претставници на синдикатите, Организацијата на работодавачи, претставници од Министерството за економија и труд како и претставници на Министерството за јавна администрација да дискутираат за социјалниот дијалог.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK