Љубов која се распнува – Тајната на Крстот

partenij
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Високопреподобни и чесни отци, 


Браќа и сестри монаси и монахињи, 

Почитувани псалти, 

Возљубени и благословени браќа и сестри Христијани,

Веќе се наоѓаме во литургиското празнување на овој голем и сечесен празник – Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст Господов. Го доживеавме и го доживуваме и ќе го доживуваме откровението на Крстот, на светата жртва која милостивиот Бог ја принесе таму, на Страшната Голгота, за спасение на секоја човечка душа.

Светата Тајна на Крстот, возљубени, е голема и недофатлива. Со Својата крсна жртва, Господ ги распростре рацете на Крстот и нѐ прегрна со љубовта Своја, покажувајќи ни дека љубовта, за да биде вистинска, треба да биде пожртвувана. Само онаа љубов која се жртвува е навистина љубов, и токму така Христос ни покажа дека нас, Неговите чеда, нѐ љуби вистинито и најдлабоко.

Возљубени мои, Крстот не е само симбол на страдање, туку е, пред сè и над сè, сведоштво на бескрајната Божја љубов, која го надминува секое човечко разбирање. Оваа љубов, која се открива преку жртвата на Крстот, не е само израз на спасение, туку и повик до секого од нас да ја примиме и да ја следиме – носејќи го и нашиот крст со истата таква верност и преданост.

Затоа Он рече: Ако Ме љубите, ќе ги пазите Моите заповеди (Јован 14,15). Постои, значи, знак на распознавање: само оној кој ги исполнува Неговите заповеди, кој има суштинска, делотворна љубов, може да се нарече Негов вистински ученик. На Своите ученици и апостоли, а преку нив и на сите нас, Господ им вели: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јован 13,35). Господ тука ја разликува љубовта и ни покажува дека ќе има и таква што ќе биде лажна, привидна, љубов која останува само на зборови и без дела. Како што им рече на Израилците во Светото Писмо, укорувајќи ги: Не секој што ми вели: „Господи, Господи“, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен (Матеј 7,21).

Мили мои, Господ Кој нѐ возљуби со бескрајна љубов, нѐ повикува на еден пат – крсниот пат, единствениот кој води кон воскресението, кон спасението. Он Самиот ни даде пример за суштествената, пожртвувана љубов, кога преку Својата жртва нѐ прегрна и нè ослободи. Оваа љубов, која не е само збор, туку дело дејствително, совршено, искупително, нѐ води кон вечниот живот.

На нас останува да се потрудиме да одговориме на овој призив, да станеме дејствителни, светотаински Христијани, затоа што Крстот е една голема тајна. Таа им се открива само на оние кои ѝ пристапуваат со вера, смирение и љубов. Исто како во настаните што следуваа по Христовото Распетие: оние што вистински Го љубеа, макар и да беа привремено уплашени и сокриени, нив Господ ги виде и ја препозна љубовта во нивните срца. Ним, на оние кои копнееја по Него, им се јави жив, воскреснат – најпрво на жените Мироносици, на Апостолот Петар, кој се беше одрекол од Него но искрено се покајал, како и на многумина други во текот на четириесетте дена, разговарајќи и утешувајќи ги со Своето присуство.

Само доколку го посакуваме со сета своја душа, преку подвигот, преку жртвата за другите, преку патот кон Царството Небесно, кој е осветлен и осветен од Крстот, само тогаш ќе можеме да навлеземе во тајната на Крстот. Оваа тајна, како што ни кажува Светиот Апостол Павле, е „безумство за Елините“, односно за филозофите и мудреците на овој свет, и „соблазна за Јудеите“, односно, за човечката гордост и за законската праведност, кои се неспособни да го прифатат Божјиот план за спасение преку страдањето и понижението на Месијата. Овде „соблазната“ покажува дека начинот на спасение што Бог го избрал ги надминува човечките очекувања и бара целосно смирение, за да се проникне во Божјиот Домострој. Во алегориска смисла, крстот претставува точка на пресврт, каде што човечките очекувања за слава, моќ и мудрост се свртени наопаку. Божјата мудрост, отелотворена во Христовата жртва, ја надминува човечката логика и филозофија. Крстот симболизира самопожртвувана љубов, смирение и жртва. Тој е „соблазна“ за оние кои се потпираат на надворешни знаци (Јудејците) и „безумство“ за оние што се потпираат на логика (Елините). Но, за оние кои се призвани и кои ја прифаќаат оваа порака, крстот е Божја сила и Божја мудрост. (Сп. 1. Кор. 1,24).

Зарем и денес не е така? За многумина Крстот останува соблазна, за многумина е безумство, но сепак, неговата светлина и неговата тајна ги надминуваат границите на сите општества, епохи, знаења и науки. Од сè поблескаво сјае Крстот Христов, издигнат над секој пиедестал од овој свет.

Вистинољубивите научници во минатото и во сегашноста, навлегувајќи длабоко во суштината на Божјите созданија, ја согледуваат мудроста на Творецот. Оти, секој кој искрено и со чисто срце го бара знаењето и причината на суштествувањето, на крајот ќе Го сретне Оној Кој е извор и ризница на сето знаење и мудрост. Така, многумина од големите умови во историјата се поклониле пред Распнатиот и Воскреснат смирен Бог – Назареецот Христос. Тие не гледаат на Крстот како на соблазна или безумство, туку како на најдлабока мудрост и знамение на Божјата љубов која го спасува светот. И тие, преку својата работа, ја прославуваат не само мудроста на созданието, туку и животворната сила на Крстот.

Крстот, возљубени, останува непроѕирен за оние кои му пристапуваат со гордост и самозадоволство, но за оние кои со смирение се поклонуваат пред тајната на Божјата љубов, тој станува светлина и водич кон вечниот живот.

Никогаш не заборавајте дека христијанскиот живот е крсен пат. Тоа е пат на постојани искушенија, притесненија и тешкотии, но Господ и Самиот нѐ предупреди за тоа: Во светот ќе имате маки (Јован 16,33). Но, исто така, Он е Кој рече: Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи (Матеј 16,24). Тоа е патот на животот, зашто преку Крстот, преку смртта, Господ ја победи смртта. Така, за оној кој верува, кој е крстен во Христа, нема смрт, нема страв.

Ова најнапред го потврдија Неговите први следбеници, Светите Апостоли. Сите тие, како што знаеме, ги дадоа своите животи во овој свет, за да живеат во бесконечниот. Тие беа бестрашни пред опасностите и го победија светот со силата на својата вера и со жртвата на својата љубов. По нивниот пример, низ историјата, безброј маченици ја пролеале својата крв за Спасителот Христос и се удостоиле со Царството Небесно. Нивните имиња се запишани во Книгата на живите и нивниот спомен останува вечен. Сите ги познаваме и ги чествуваме оние кои го зеле Крстот Христов на своите рамена и со смирение го износиле докрај.

Токми тоа е суштината на христијанскиот живот: да го земеме својот крст и да Го следиме Господа со смирение и трпение. И секогаш, во тешките моменти, Неговата поткрепа е со нас. Господ, Кој нѐ повика на овој пат, никогаш не нѐ остава без Својата милост и сила. Да се потрудиме, возљубени, со истото тоа смирение и љубов да го следиме Него, носејќи го сопствениот крст, како би се удостоиле за вечниот живот што Он ни го вети.

Погледнете колку е значајно и тоа што Бог вели: „Кој сака, нека дојде по мене“. Со ова ни покажува дека крстот не се наметнува, туку е пат што ние го избираме слободно, доброволно. Тоа е еден пат на благодарно носење на крстот, во слобода и љубов. Како што Самиот Господ ни покажа како се љуби – докрај, до смрт, до Голгота, на Крстот. За ближниот, за својот сочовек. Тоа е она што сите ние сме повикани да го правиме. Во нашево време и во нашево поднебје не е неопходно да ја пролеваме својата телесна крв заради Христа, но, носејќи и трпејќи го другиот, љубејќи го другиот и правејќи сè за неговото добро, ние пролеваме духовна крв.

Тоа што го прават монасите по манастирите, што е друго ако не пролевање на духовна крв? Можеби некому му изгледа лесно да се биде монах, ама да знаете дека воопшто не е така. Монасите се исто така луѓе, со истата природа, со свои искушенија, страсти и борби. Погледнете во себе: што се случува кога ќе ве нападнат страстите? Сите ние ги носиме тие тежини. А монахот, кога ќе биде заплиснат од разбрануваното море на страстите, нема друг избор освен да притекне во молитва кон пристаништето – Христос Бог. Да се моли, да бара од Избавителот да ги стиши тие бранувања со Својата благодат. Да му даде сили да се издигне над нив и над сите привлечности од овој век. А тие, знаеме, не се малку. Затоа, да се молиме за монасите, да се молиме општо за сите Христијани, бидејќи Господ вели: Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат (Јован 15,20). И денес, возљубени, прогоните и сведоштвата на вистинските последователи на Христа не престануваат.

Затоа, да се наоружаме со добродетелите – со верата, со надежта и со љубовта. Нема да нè остави Оној Кој се распна за нас. Он никогаш не нè напушта, туку и сега се сораспнува со нас и ни испраќа благодатни зраци од Крстот Свој, за да имаме светлина во нашите животи, да можеме да ги носиме своите крстови, да го победиме овој свет и да ги надминеме искривените желби кои нè оддалечуваат од Него. Да го победиме стариот човек кој се распаѓа во лажни желанија и да го наследиме Царството Небесно.

Тоа бара силна желба, голема посветеност, но историјата докажува дека е возможно. Човек без Бога, без стремеж кон Царството Небесно, не може да биде автентичен човек. Сега, можеби појасно од кога било, тоа се забележува преку состојбата на христијанските општества на европско тло. Гледаме една непрепознатлива слика за старата христијанска Европа и сите констатираме дека за неа како да нема светла иднина. Нема наталитет меѓу Христијаните. Други народи доаѓаат и го завладуваат европскиот простор. Зошто? Затоа што европејците  се оддалечиле од Христа, Кој беше темел на нивните семејства, на нивните општества, на нивната цивилизација, на нашата цивилизација. Кога Го оставаме Бога, иднината исчезнува. Сите го гледаме овој факт: нема иднина без Бога.

Но, да не губиме надеж, туку да се молиме и да се бориме. Христос нè уверува дека дури и кога Христијаните се малубројни, доколку се вистински, тие се како квас, како сол. Малку квас го потквасува целото тесто и малку сол го осолува целото јадење. Така и ние, ако се подвизуваме со љубов за Христа, со пожртвуваност, љубов и трпение, можеме да дадеме придонес во преобразбата на нашата околина.

Бог да ни даде сила да останеме Негови ученици, деца на Светиот Крст, и да продолжиме по патеката што Он ни ја покажа, да чекориме во тајната на Крстот, која е тајна на љубовта совршена.

Амин

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK