Одлуката за ограничување на профитните маржи на трговците до 10 отсто ги опфаќа и бурекот и јогуртот и белите печива, појасни денес директорот на Државната пазарна инспекција, Горан Трајковски. Граѓани и во Инспекторатот се пожалиле дека нема поевтинување на бурекот и белите печива.
„Имаше такви дилеми, но бурекчилниците се опфатени со одлуката за ограничување на маржата, и тоа според Законот за трговијата, член 3. Денес, инспекторите прават контроли во маркетите, утре се предвидени контроли на трговците на мало и на бурекчилниците, а задутре ќе ги контролираме трговците на големо. Трговците на големо ќе ги контролираме на крајот за да им оставиме време да ги потрошат резервите. Во одлуката за ограничување на маржата влегува и јогуртот“, рече директорот на Инспекторатот, Трајковски.
Тој синоќа излегол во контрола во маркетите и утврдил дека трговците не ја сфатиле сериозно обврската и не ги означиле производите со ограничена маржа, па затоа денес инспекторите се во засилена контрола.
Во контрола се излезени 40 тима со над 120 инспектори и се прават проверки во маркетите на територијата на целата држава.
Директорот Трајковски и денес рече дека ќе има нула толеранција и повтори дека казните за оние што не ја почитуваат одлуката за ограничување на профитната маржа се од 2.000 до 10.000 евра, а најави дека за нефер трговски практики ќе одат и со затворање.
Трајковски нагласи дека граѓаните не треба да очекуваат намалување на сите цени на производите опфатени со одлуката оти има трговци што досега оделе со маржа помала од 10 отсто и таквите немаат обврска да ја намалат цената на производите опфатени со одлуката.