Приближно 60 отсто од странските делови на руското оружје што се користи на бојното поле во Украина доаѓаат од Кина, изјави денеска Владислав Власиук, советник на украинскиот претседател.
„Ако ги земете сите вообичаени видови оружје и ги броите компонентите произведени во странство, околу 60 отсто ќе бидат од Кина. Имавме долги разговори со некои производители за ова. Би рекол дека НР Кина е најголемиот проблем“, рече Власиук.
Советникот на Володимир Зеленски рече дека некои од важните делови што се користат во надзорот, беспилотните летала и ракетите доаѓаат од САД, Холандија, Јапонија и Швајцарија, заедно со други западни земји.
По почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година, меѓународната заедница воведе трговски санкции кон Москва, но Русија оттогаш успеа да ја снабди својата воена машина со западни микрочипови и полупроводници, пишува Ројтерс.