Со повеќе од 220 камери на територијата на градот кои денеска му беа предадени на Министерството за внатрешни работи, Кавадарци денеска се приклучи на проектот „Безбеден град“ заедно со Куманово, Тетово и Скопје.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во работна посета на Општина Кавадарци каде оствари средба со градоначалникот Митко Јанчев по повод добивањето директен пристап на МВР – ОВР Кавадарци во современиот мониторинг центар, кој е во состав на општината.
„Овој директен пристап во сопствените простории до системот ќе биде во насока на координирано, брзо и ефикасно работење на полицијата заедно со локалната власт во интерес на јавната безбедност на граѓаните на Кавадарци.Со овој систем од над 200 камери кој ќе го имаме во рамки на системот на министерството значително ќе го подигнеме квалитетот на работењето на полицијата. Факт е дека криминалитетот во Кавадарци е значително намален во изминатиот период и очекуваме со пристапот на МВР до овој систем и посветеното работење уште повеќе да се подобри безбедносната состојба во општината. Ние како министерство сме фокусирани максимално на проектот којшто е поврзан генерално со зголемување на безбедноста на граѓаните на целата држава, проектите од ‘Безбеден град’ како во Кавадарци, така и Скопје, Куманово и Тетово. Ќе сториме сѐ во најбрз можен рок да ги ставиме во употреба сите тие технолошки системи во овие четири града, а понатаму на целокупната територија се со цел да добиеме едно побезбедно општество“, потенцираше министерот Тошковски.
Кавадарци во изминатите пет години постави над 220 камери на територијата на градот со цел заштита на урбаната опрема.
„Истите камери со меморандум за соработка ги префрламе на ОВР Кавадарци каде полиција ќе делува првентнтивно во заштита на безбедноста на жителите на Кавадарци. Со поставување на камерите, криминалитетот последните четири години е во драстичен пад, а огромен број од откриените кривични дела се откриени заради присуството на камерите“, нагласи градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.