Одлуката на Министерството за економија за маржите е веќе помината на владина седница, ќе имаме вакви акции кои ќе траат по месец, месец и половина, два месеца, во кои бруто профитот ќе биде ограничен до ниво до 10 проценти за да не ни се случуваат удари по стандардот на граѓаните, ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски од Штип, одговарајќи на новинарско прашање околу одлуката за замрзнување на маржите.
Деновиве и министерот за економија Дурмиши обзнани дека наместо замрзнување на цените, ќе се ограничуваат бруто профитните маржи на големо и мало.
„Има таму стотици продукти кои ќе бидат опфатени и така континуирано ќе носиме мерки со кои ќе се обидеме да го подобриме стандардот на граѓаните и да ја олесниме живејачката која ионака е тешка“, одговори денеска Мицкоски.
Тој беше дециден дека одлуката за ограничувањето на маржите е помината на владина седница а се очекува истата да ја објасни и министерот за економија на прес-конференција.
Инаку според најавите, со мерката, ограничена маржа до 10 отсто ќе бидат опфатени околу 100 производи, а планот според најавите е ваква мерка да има и во наредниот период, посебно за време на празници.