Властите во ПЕРУ подготвија план за борба против пожарите кои беснеат низ целата земја, уништувајќи ги посевите, оштетувајќи ги археолошките богатства и оставајќи неколку региони во состојба на катастрофа.
Пожарникарите велат дека гаснењето на пожарите е се потешко.
„Уморни сме. Изгаснавме пожар кој повторно се разгоре“, изјави пожарникар доброволец во шумите во северниот регион.
Пожарникарите во областа се повлекле пред пламените јазици.
„Пожарите се надвор од контрола. Потребна ни е помош“, изјави Артуро Моралес, друг пожарникар волонтер.
Претседателката Дина Болуарте во средата прогласи 60-дневна вонредна состојба во регионите Сан Мартин, Амазонас и Укајали, издвојувајќи дополнителни средства за да се спречи ширењето на пожарите. Таа ги повика земјоделците да престанат да палат тревници, поради што, како што рече, пламените јазици неконтролирано се шират.
Шумските пожари во Перу се вообичаени од август до ноември, а според владата, тие се предизвикани од земјоделци или од оние кои сакаат илегално да ја преземат земјата.
Околу 240 пожари избувнаа оваа сезона во 22 од 25 региони во земјата, иако повеќе од 80 отсто беа ставени под контрола до средата.
Некои пожари, сепак, се закануваат да се разгорат повторно со суво време, ветрови и оддалечени локации што го отежнуваат пристапот.