Марта Кос, словенечката кандидатка за еврокомесар денеска изјави дека проширувањето е синоним за ЕУ.
„За мене, проширувањето е синоним за ЕУ, а ЕУ е синоним за мир. Понатаму, мирот претставува стабилност, безбедност, иднина, поврзаност и инклузија“, додаде Кос, претставувајќи ја својата кандидатура за еврокомесар пред Комисијата на националното собрание за ЕУ.
Таа укажа на важноста на портфолиото на проширување и за Словенија и за ЕУ и додаде дека е убедена дека нејзините вештини ќе бидат најочигледни во оваа област.
Кос пред Комитетот, чие мислење не е обврзувачко, изјави дека исполнува три клучни услови за еврокомесар: компетентност, посветеност на ЕУ и независност.
„Вредностите и целите на ЕУ се свети за мене“, рече таа, пренесува агенцијата „СТА“.
Таа посочи дека успешната интеграција на Словенија во ЕУ може да послужи како вреден пример за другите земји од Западен Балкан кои се стремат да се приклучат.
Според неа, напредокот на Словенија и ЕУ е меѓусебно поврзан со напредокот и развојот на нејзините соседи.
Кос повика и на поблиска соработка со Националното собрание и предложи годишно обраќање до парламентот, кое ќе следи по говорот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за состојбата на Унијата во Европскиот парламент, пренесува Танјуг.