Здравството со СДСМ и ДУИ колабираше. Клиниките и болниците, пациентите и лекарите на свој грб ја осетија криминогеноста, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Според информациите на кои се повика, според извршените контроли од ФЗОМ и другите надлежни институции, нотирани се бројни самоволија во здравствените установи, кои очигледно често биле резултат на личен интерес.
„При контролите констатирани се набавки на лекови кои не се на листата на лекови што со општ акт ја утврдува Фондот за здравствено осигурување, на кој министерот за здравство дава согласност, но за истите ЈЗУ нема обезбедено претходна согласност од Министерството за здравство и Фондот и тоа во следниве ЈЗУ: Здравствен дом – Гостивар, Здравствен дом – Струга, УК за државна кардиохирургија – Скопје, УК за нефрологија – Скопје, УК за психијатрија – Скопје, Клиничка болница – Тетово, Општа болница – Струга, Општа болница – Струмица, Општа болница со проширена дејност – Дебар“, рече Стојаноски.
Злоупотреби биле правени и во делот на дежурствата. Имено при контролите, како што истакна, евидентиран е случај во ЈЗУ, каде се пресметува и исплаќа додаток за дежурство, но на контролата не и е дадена на увид согласност од Министерство за здравство, за обезбедување непрекинато вршење здравствена дејност со работа со дежурство во: УК за максилофацијална хирургија – Скопје, УК за државна кардиохирургија – Скопје, УК за нефрологија – Скопје, УК за психијатрија – Скопје, Општа болница – Струмица.
Тој оцени дека одговорните лица во здравството од претходното раководство се однесувале како клиниките и болниците да се нивна своина, без да водат грижа за вработените, средствата и пациентите.