Германскиот канцелар Олаф Шолц и полскиот премиер Доналд Туск телефонски се консултираа за новите германски антимиграциски мерки, кои вклучуваат воведување контрола на сите германски граници.
„Германскиот канцелар на својот полски колега му ги објасни политичките мерки во врска со миграцијата и го информираше за понатамошни можни дејствија кои ќе придонесат за намалување на нерегуларната миграција, кои се во рамките на постојниот закон на ЕУ“, изјави владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Претседателите на владите, како што беше дополнително соопштено, се согласија дека предизвиците со нерегуларната миграција и активностите на шверцерите на луѓе можат да се надминат само со заеднички напори, при што „незаменлива е соработката на европските партнери“.
Шолц и Туск се согласија и за потребата од зголемена заштита на надворешните граници на Европската унија, „особено во сенка на циничната инструментализација на мигрантите што ја спроведува Белорусија“ и се договорија за понатамошна „блиска соработка“ во борбата против нерегуларната миграција.
Пред разговорите меѓу Шолц и Туск, полската влада го критикуваше воведувањето контрола на германските граници.
„Не бевме однапред информирани за воведување контроли на германските граници… Вака не треба да се третираат соседите и партнерите“, изјави полскиот заменик министер за надворешни работи Владислав Теофил Бартошевски во интервју за германскиот неделник „Штерн“.
Тој го опиша воведувањето контроли на граници, кои германската влада ги воведе оваа недела како дел од сеопфатните мерки за борба против нерегуларната миграција, како „крај на духот на Шенген“. Германија ја воведе контролата на границата кон Полска и Чешка, поради зголемениот прилив на бегалци преку т.н. источни рути, во октомври минатата година.
Контролите кон Австрија постојат од 2015 година, така што воведувањето контроли се однесува само на западните и северните граници на Германија, кон Франција, земјите од Бенелукс и Данска. На почетокот на неделата Австрија објави дека нема да прима бегалци кои Германија нема да ги пушти во земјата.
Меѓу другото, мерките на германската влада предвидуваат враќање на оние бегалци кои на пат кон Германија биле регистрирани во друга земја членка на ЕУ во централниот регистар на баратели на азил.
Германската влада, под зголемен притисок од зајакнувањето на партиите кои се залагаат за силни ограничувања на миграцијата, воведе мерки со кои треба да се намали бројот на бегалци и баратели на азил во Германија.