Утревечер, 14 септтември, со почеток во 19,30 часот,во уметничката галерија на ЛУ Градски музеј Крива Паланка ќе биде отворена самостојна изложба на истакнатиот академскиот сликар Роберт Цветковски.
На изложбата ќе бидат поставени околу 50 дела од најновиот творечки опус на Цветковски, кој после долгогодишните циклуси „Порака, „Инсомниа“, „Помеѓу денот и ноќта“, последните 4 години се втурнува во нови форми на истражувања и нови сфери кои ги обработува преку својот уметнички израз. И во оваа фаза препознатлив е неговиот специфичен личен приод при анализата на секојдневните збиднувања во светот и сопственото опкружување, а своите емотивни доживувања ги пренесува преку впечатлива текстура и боја.
Роберт Цветковски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во 1989 година, во класата на Ана Темкова и е исклучително плоден и афирмиран автор чии дела се наоѓаат насекаде низ светот. Досега реализирал над 35 самостојни изложби од кои само над 10-тина во САД, тој е прв македонски уметник кој имал самостојна изложба во Пекинг,Кина, потоа во Париз,Франција, Инстанбул, Турција, Германија, Црна Гора, Бугарија и во Македонија. Негови дела се наоѓаат во голем број приватни колекции во САД, Јапонија, Кина, Норвешка Швајцарија, Египет, Австралија, Венецуела, Германија и во други земји.
Како дел од постојаните колекции, каталогизирано дело од Цветковски се наоѓа во светската збирка на Центарот за современа уметност во Подгорица, Црна Гора, УККСА Академијата, Турција, Музеј на Град Скопје и Градски музеј Крива Паланка. Учесник е и на над 60 ликовни колонии, како и на групни изложби, а добитник е и на наградата „8-ми Октомври“ за особен придонес во културата во земјата и светот што ја доделува Општина Крива Паланка по повод денот на ослободувањето.
Воедно, Цветковски годинава одбележува 35 години активно творештво, а изложбата е дел од манифестацијата „Крива Паланка-Град на културата 2024“.