Централна Европа се подготвува за најтешките поплави во последните децении поради минувањето на циклонот Борис, кој се очекува овој викенд. Според чешките и полските метеоролози, во некои делови од нивните земји може да наврнат и до 400 литри дожд на метар квадратен во следните четири дена, додека во Австрија и Словачка се очекуваат околу 200 литри.
Културните настани закажани за викендов се откажани во тие четири земји поради предвиденото поминување на циклонот. Резервоарите за прием на вода, пред се во околината на браните, се испразнети за да може да се прими толкаво количество вода. Во Полска се објавени метеоролошки аларми за југот на земјата, пред се за градовите на Одра како Вроцлав и Ополе.
„Постои реален ризик од локални поплави во петок и недела“, предупредија полските метеоролози.
Central Europe braces for worst floods in decades https://t.co/fUh49jhAnK pic.twitter.com/HFRbIpscO9
— CNA (@ChannelNewsAsia) September 12, 2024
Во Вроцлав, кој има 675.000 жители, општината формираше кризен штаб. Според чешкиот министер за животна средина, Петар Хладик, ситуацијата во земјата „може да биде слична на онаа од 1997 и 2002 година“.
Градовите во Моравија подигнаа бариери за поплави и подготвија вреќи со песок во пресрет на невремето, кое ќе биде придружено со ветрови до 100 километри на час. Откажани се десетици културни настани во регионот, вклучувајќи го и годишниот фестивал на виното, кој привлекува десетици илјади посетители.
Откажан е и Римскиот фестивал во Карнунтум, Австрија. Според австриската телевизија „ОРФ“, нивото на водата на Дунав би можело да се искачи на нивоа што не се забележани пет до десет години. Австрискиот канцелар изјави дека армијата е подготвена да распореди и до илјада војници доколку е потребно. Во состојба на готовност се и словачката армија и доброволните пожарникари.
Врнежите би можеле да бидат поголеми од оние што ја погодија централна Европа во 2013 година, кои тогаш се сметаа за најлоши во последните илјада години, предупредува словачката метеоролошка служба „imeteo.sk“. Со движењето на студениот бран низ Европа кон исток падна и првиот снег на словенечка Кредарица.
Невремето предизвика најмногу проблеми на словенечкото крајбрежје. Во словенечка Истра за само неколку часа наврна повеќе дожд отколку што обично паѓа во текот на целото лето, пренесуваат локалните медиуми.