Во тренинг центарот на КПУ Идризово, министерот за правда Игор Филков одржа работна средба со директорот на УИС Александар Пандов, директорите и замениците директори на сите затворски институции во државата.
Состанокот беше фокусиран на согледување на фактичката состојба и проблемите со кои се соочуваат затворските институции. Проблемите се детектираат пред се во просторните услови на институциите, недостатокот на вработени, како од безбедносните служби така и во делот за ресоцијализација на осудениците. Предочен беше и проблемот со недостатокот на финансиски средства за затворање на тековната 2024 година кој останува и покрај ребалансот на буџетот, недостатокот на возила за спровод на обвинети лица и потребата од дигитализација на институциите.
Се дискутираше и за Извештајот на Комитетот за превенција на тортура при Советот на Европа за 2023 година , при што беше укажано да се земат предвид нивните забелешки за надминување на недостатоците кои се констатирани.
На средбата беше договорено да се интензивираат ваквите состаноци со цел да се изнајдат решенија за брзо надминување на одредени проблеми, користејќи меѓународна помош , но и јакнење на буџетот на УИС заради непречено функционирање на затворските институции како и користење на пробацијата и другите алатки за условен отпуст на затворениците.
Министерот за правда Игор Филков ја искажа заложбата и посветеноста на Владата за надминување на сите проблеми и подигнување на капацитетите на затворските институции со цел подобрување на условите водејќи грижа за правата на затворениците и нивна ресоцијализација во општеството.