Европските претставници ги доведуваат во прашање тврдењата на британскиот премиер Кир Стармер дека новата влада има намера да ги ресетира односите со Брисел, откако Британија одби да ги прифати клучните предлози на ЕУ, изјавија неименувани европски претставници за Политико.
Посебна загриженост во Брисел беше одбивањето на Стармер да и дозволи на Британија повторно да се приклучи на програмата за размена на студенти Еразмус и да воспостави шема за лесна мобилност на младите луѓе, рекоа официјалните лица.
– Конструктивната реторика е многу убава, но се додека ништо суштински не се промени во позицијата на Обединетото Кралство, не гледам како ќе се промени статус квото – изјави еден дипломат.
Брисел и претходно беше свесен дека целта на Стармер не е Британија да има блиски односи со ЕУ, како Норвешка или Исланд и дека нема да има единствен пазар, царинска унија или слободно движење, пишува Политико.
Како што се наведува, идеите на Лондон и Брисел за блиски односи значително се разликуваат, бидејќи Стармер еднаш ја спореди шемата за младинска мобилност со слободата на движење, на што тој силно се противи.
Од другата страна, пак, постои загриженост дека премиерот не забележал дека Европската унија има свои приоритети.
Недамнешните патувања на Стармер во европските метрополи ја зголемија загриженоста во Брисел дека Лондон можеби се обидува да најде начини да ја заобиколи Европската комисија со директно одење во националните метрополи.