Француските власти спречија три планирани напади на Олимписките и Параолимписките игри во Париз и другите градови кои беа домаќини на летни настани, изјави денеска националниот антитерористички обвинител Оливие Кристен.
Тој рече дека заговорите вклучуваат планови за напад на „израелски институции или претставници на Израел во Париз“ за време на Олимписките игри, додека израелските спортисти не биле цел, пренесува АП.
Вкупно пет лица, меѓу кои и едно малолетно, се уапсени под сомнение дека се вмешани во три спречени заговори за напад на Олимпсиските игри.
Осомничените се во притвор и се соочуваат со различни обвиненија за тероризам, рече обвинителот.
Во Франција највисоките безбедносни мерки беа во сила со месеци пред Олимписките и Параолимписките игри, кои завршија минатата недела.
Во мај, членовите на Генералната дирекција за внатрешна безбедност уапсија 18-годишен маж од Чеченија под сомнение дека стои зад планот за напад на фудбалските олимписки настани што се одржуваат во јужниот град Сент Етјен.
Осомничениот е обвинет дека планирал „насилна акција“ во име на џихадистичката идеологија на Исламската држава.
Франција, исто така, ја зајакна одбраната на својот воздушен простор за време на летните олимписки игри и параолимписки игри, распоредувајќи воени авиони, хеликоптери за напад, набљудувачки авиони, воени и полициски беспилотни летала за патролирање на небото над Париз и медитеранскиот пристанишен град Марсеј, кој беше домаќин на натпреварите во едрење и фудбал.