Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и заменик претседателот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ во Белград остварија средба со министерката за рударство и енергетика Дубравка Бедовиќ Хандановиќ.
„Имавме изворедна посета на Република Србија овие два дена, се сретнавме со целокупниот државен врв, политичките односи се одлични, треба да бидат следени и надградени и од добри економски односи, од односи кои ќе значат подобри и поплатени работни места и за граѓаните на Македонија и за граѓаните на Србија.
Денеска целиот фокус на разговорите го посветивме на економијата од сите аспекти на економијата. Во делот на енергетиката разговаравме за изградба на интерконектор или гасно поврзување меѓу Македонија и Србија што треба да следи после гасното поврзување или интерконекторот меѓу Македонија и Грција“, кажа по средбата, потпретседателот Николоски во своето обраќање пред медиумите.
„На тој начин ќе се изгради целокупен гасовод кој што ќе оди од Грција преку Македонија и Србија до Унгарија, Австрија и Централна Европа и ќе се заврши еден проект кој што генерации политичари пред нас го спомнувале за изградба на гасовод низ Македонија со кој што Македонија ќе го заземе централното место во делот на снабдување со гас на Централна Европа, што во услови на криза на Истокот и воена агресија во Украина ќе значи уште повеќе за македонската економија затоа што прво ќе може снабдувањето со гас во Македонија да се диверзифицира и да имаме три или четири извори на гас за Македонија а не само еден и второ многу поважно е низ Македонија да оди транзит гас кој што ќе оди до големите европски држави со што македонското стопанство со само тоа што ќе наплаќа транзит на гас ќе остварува големи приходи, а стратешки Македонија ќе ја постави на мапата да не биде избегнувана и од една страна каде што некои други влади сакаа Македонија да ја направат слепо црево во делот на инфраструктурата и во делот на поврзувањето, ние сакаме да ја направиме центар во поврзувањето.
Така што клучен гасовод кој што оди до Централна Европа, изградба на брза пруга со 200 km на час која што исто така оди до Централна Европа, завршување на Коридор 8 во делот на автопатско поврзување со Бугарија и Албанија и во перспектива и железничко, како и изградба на мултимодуларен комплекс кај Трубарево каде што треба да изградиме пристаниште на суво како што се нарекува, каде што треба да се претовара целата роба која што ќе доаѓа од солунското, драчкото и атинското пристанште, мислам дека македонската економија во следните 10-15 години ќе ја стави во центарот на Балканот, што е наша основна задача, да ја покренеме Македонија, луѓе да доаѓаат во Македонија а не да си одат, да има повеќе работни места и да има добро платени работни места.
Можам да ја оценам посетава како навистина успешна, сега очекуваме посета на премиерот Вучевиќ во Македонија на крајот на септември или почетокот на октомври, а до крајот на годината да имаме заедничка седница на двете влади, а од следната година да имаме по две седници на влади заеднички како уште повеќе би ја подобрувале економската и политичка соработка“, изјави министерот Николоски.
На новинарско прашање за изградба на брзата пруга, министерот Николоски одговори:
„Тоа е еден од првите приоритети на кој што јас трошам многу време и енергија. Нашата цел е да во многу брзо време да ја испроектираме и да ја изградиме брзата пруга, не сакам да давам рокови но ако успееме во рамки на извесните два мандати кои што ќе ги има оваа оваа влада, зашто да нема и три, ќе е одлична работа за Македонија. Некаде таму помеѓу 2030 и 2032 година да имаме функционална брза пруга со 200 кm на час што ќе значи препород за цела Македонија“, истакна Николоски.